ОД БЕТОН ДО ПЛАТНО Неговиот јазик се спрејот, четката и графичката прецизност

Од улични ѕидови до платно, од графити до галерии – младиот скопски уметник Дарко Кешќец им го вдишува на ѕидовите и на платната пулсот на градот, со силни бои и прецизен израз. На 26 јуни во „Бифе Тафталиџе“, простор кој совршено одговара на визуелниот јазик на Кешќец, ќе можеме да ја видиме неговата изложба - „Месечина на љубовта“ (Moon of Love).

642

Тој не одлучил да биде уметник – уметноста го избрала него. Така вели Давор Кешќец, млад и веќе препознатлив македонски автор чие творештво се протега низ различни медиуми – од платно до бетонски ѕидови, од илустрации до мурали.

Роден е во Скопје, во 1997 година, а своето формално образование во уметноста го започнува во средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“, на одделот графика, а потоа продолжува на Факултетот за ликовни уметности кадешто дипломира на истиот отсек.






„Графиката беше вистинскиот избор. Таа прецизност и педантност многу влијаат и на мојот начин на сликање“, објаснува младиот уметник.

Инаку, вели, никогаш не знаел што сака да биде кога ќе порасне. Ниту пак знаел дека ќе се занимава со уметност.

„Не донесов одлука да се бавам со ова, од мал цртам и никогаш не престанав со тоа, цело време само се надоградував. Тоа е нешто во мене кое се јавува како потреба, како начин на изразување. Незнаев ни дека воопшто постои место за таквите како мене. Сета среќа татко ми беше тој што рече да се запишам во уметничко и тоа беше вистинскиот избор за мене и место каде што се пронајдов. Сè останато ќе беше погрешно за мене и немаше да се вклопам“, раскажува Давор.

Иако во семејството нема професионален уметник, уметничкиот дух не му е туѓ.

„Дедо ми сликаше репродукции, а татко ми има и свои авторски дела. Инаку, тој е  и фронтмен на бендот Д’ Далтонс и, како што спомнав, беше оној што ме насочи кон уметноста – и го препозна мојот пат“, вели со благодарност.

Уште од тринаесет години црта графити, а љубовта кон уличната уметност го доведува до првите мурали.

„Со цртање мурали започнав во 2018 година кога се оддржа првата street art & graffiti галерија во ГТЦ, за кои имаше конкурс на кој се пријавив со скица и бев одбран. После тоа ангажманите одеа лично преку мене. За жал нема повеќе конкурси за цртање мурали и слично, ангажманите за цртање најчесто се приватни иницијативи, од фирми, компании, здруженија, кафулиња…. За жал, градот нема средства за организирање на таков тип настани“, забележува тој.

Кешќец има богато портфолио на мурали на јавни површини во Скопје, Велес и Крива Паланка, а неговите дела ги изложувал и на десетина самостојни и бројни групни изложби. За изложбата што ќе можеме да ја видиме во четврток (26 јуни), во „Бифе Тафталиџе“, авторот вели: „Изложбата го носи насловот Moon of Love, исто како и мојата неодамнешна изложба во МКЦ, бидејќи ќе бидат претставени истите дела“.

Инаку, тој не е тафталиџанец, но вели: „Шоте, сопственикот на локалот, е главниот виновник за оваа изложба. Тој беше и домаќин на мојата прва изложба во 2016-та, во неговата тогашна кафе-галерија „Децата од нашата улица“ во Дебар Маало“.

И покрај наградата Young Art за сликарство и бројните проекти, Давор е свесен дека егзистенцијата од уметноста не е секогаш лесна.

„Нестабилно е да се живее само од еден медиум. Затоа се занимавам со сликарство, мурали, графички дизајн… Сè уште се борам“, признава искрено.

Сепак, кај него нема творечка криза – туку понекогаш недостасува мотивација.

„Имам нереализирани скици од 2020 година. Инспирацијата ја наоѓам насекаде – во секојдневјето, музиката, филмовите и уметноста. Делата зборуваат за мене, јас не зборувам за нив“, вели тој, ставајќи акцент на најважното – главната функција на уметноста – да комуницира со гледачот.

И за крај, но и како најава за она што можете да очекувате на претстојната изложба, можеме да кажеме дека Давор Кешќец, со неговата припадност на урбаната сцена, гради визуелен јазик инспириран од поп-артот и пост-кубизмот, но низ филтер на графичарска прецизност и урбана визуелна едноставност – со потпис кој лесно се препознава. Нешто што изгледа лесно, а е всушност внимателно изградено.

 

 

Кратка биографија:
Давор Кешќец е роден во 1997 година во Скопје. Завршил графика во ДСУЛУД „Лазар Личеноски“, а потоа дипломирал на ФЛУ – Скопје. Член е на ДЛУМ од 2020 година. Има реализирано над десет самостојни изложби, изработил мурали низ Македонија и учествувал во бројни проекти поврзани со уметноста, дизајнот и илустрацијата. Добитник е на наградата „Young Art“ (2019) во категоријата сликарство.

Поврзани содржини