ОД 800 НА 1.250 ЕВРА ЌЕ СЕ ЗГОЛЕМИ ЦЕНАТА ЗА ПРИКЛУЧОК НА ГАС За развој на „Куманово гас“ се потребни субвенции

Надлежните од претпријатието „Куманово гас“ велат дека се одлучиле за непопуларната мерка поради високите набавни цени на делови за приклучок.

7,083

Јавното претпријатие „Куманово гас“ ќе ја зголеми цената за приклучок на гасоводната мрежа, одлучија советниците на денешната седница. Цената за приклучокот ќе се зголеми за 55 проценти.

Надлежните од претпријатието велат дека се одлучиле за непопуларната мерка поради високите набавни цени на делови за приклучок.






– Направивме детална анализа како се движи цената во последниве три години за деловите кои се монтираат за куќен приклучок. Ние мора да излеземе со оваа одлука за да не бележи загуба претпријатието. Цената ќе се зголеми од 800 на 1.250 евра и е навистина висока. Затоа апелираме до сите, да се најдат можности, општината да надомести со субвенции, за да граѓаните не ја почувствуваат драстичната разлика – рече директорот на ЈП „Куманово гас“ Марко Митровски.

Советничката Атина Мургашанска од СДСМ рече дека опозицијата нема да го подржи предлогот.

– Сметам дека ваков, огромен скок од повеќе од 50 посто е навистина неприфатливо. Постојано говориме дека сме пионери во гасификацијата, како еколошки пооправдано гориво, а сега и онака малкуте расположени граѓани на ваков начин да ги демоларизираме и нема да сакаат да се приклучат – рече Мургашанска.

Митровски посочи дека во претпријатието се вработени  даватели на услуги, додека бројката на администрацијата е иста.

Тој потсети на лошата енергетска година кога цената на природниот гас скокна значително поради што речиси сите субјекти се префрлија на други енергенси за загревање. Лани, цената на природниот гас беше прилично стабилна што доведе до враќање на потрошувачите пред сè, на правните субјекти. Минатата година, мрежата беше проширена кон техничкото училиште и кон интернатот.

– Наскоро ќе биде потпишан договор помеѓу претпријатието и овие установи. За идната година се очекува приклучок на дополнителни шест големи субјекти. Да се развие ова претпријатие треба огромни средства, основната главнина не е значајно зголемена од самото формирање – кажа Митровски.

Со поддршка на ланските субвенции на Владата и Општината се зголемил и бројот на приклучоци на домаќинствата за 100.

„Куманово гас“ ќе реализира уште проекти со поддршка на Владата, бидејќи Општина Куманово аплицираше за проширување на мрежата кон селото Доброшане.

Поврзани содржини