ОД 5 ДО 30 ДЕНАРИ Поевтинува паркирањето на местата на Градски паркинг
Во Зона А0 паркирањето од 100 денари се намалува на 75 денари, во зона А од 50 денари, се намалува на 40 денари, во зона Б од 40 денари, износот за паркирањето се намалува на 30 денари и во зона Ц и Д, цената за еден час паркирање од 30 денари се намалува на 25 денари.
На иницијатива на градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, а согласно Статутот на јавното претпријатие, вчера на седница на Управниот одбор на ЈП Градски паркинг е донесена одлука со која е предвидено намалување на цените на услугите за паркирање на јавните површини во зоните на паркирање во градот Скопје, истакна денеска на прес-конференција директорот на претпријатието Бојан Христовски.
Тој посочи дека согласно одлуката за измена на ценовникот на услуги на Јавното претпријатие Градски паркинг, намалувањето се однесува на час паркирање во следните зони: Зона А0 паркирањето од 100 денари, се намалува на 75 денари, во зона А од 50 денари, се намалува на 40 денари, во зона Б од 40 денари, износот за паркирањето се намалува на 30 денари и во зона Ц и Д, цената за еден час паркирање од 30 денари се намалува на 25 денари.
Ваквата одлука за поевтинување на паркирањето во Скопје влегува во сила по добивање согласност од Советот на Град Скопје, а ќе се применува од 1 март.
Христовски потенцираше дека со усвојување на оваа одлука, а сред економска криза, кога цените растат, Јавното претпријатие Градски паркинг им излезе во пресрет на барањата на граѓаните за поевтин паркинг во градот и го реализира она кое е ветено пред скопјани.
Тој најави нови катни и монтажни паркиралишта во Чаир, Аеродром, Центар и во Кисела Вода, со што, како што рече, ќе се овозможи паркирањето во Скопје не само да биде поевтино, туку да биде и подостапно за граѓаните.