ОД 1 СЕПТЕМВРИ СИТЕ НА ШКОЛО Седум клучни факти за наставата со физичко присуство
Душан Томшиќ, советник во Министерството за образование и наука, во гостувањето на утринската програма на Сител, објасни некои детаљи во врска со наставата, што ги засегаат учениците и нивните родители.
Наставата во училиштата од 1 септември ќе почне со физичко присуство, но ќе има исклучоци и два резервни плана за случај на екстремно влошување на епидемиолошката ситуација.
Душан Томшиќ, советник во Министерството за образование и наука, во гостувањето на утринската програма на Сител, објасни некои детаљи во врска со наставата, што ги засегаат учениците и нивните родители.
Ова се клучните факти:
1. Физичко присуство на сите ученици
Согласно со мислењето на Главниот координативен кризниот штаб и Владата, наставата ќе почнеме со физичко присуство за сите ученици.
2. Кој сака и има причини, може и онлајн
Исклучоци се учениците со хронични болести, учениците кои имаат хронични болни во семејството, како и од немедицински причини за кои ќе одлучуваат училиштата.
„Родителите може да побараат од училиштето од немедицински причини нивното дете да не посетува настава со физичко присуство, а училиштето може да даде или да не даде согласност“, појасни неодамна министерот за здравство, Венко Филипче.
3. На настава само со маски
Со протоколите е предвидено наставата да се одвива со носење на маски во училница, да се прават чести проветрувања, чистење и дезинфекција на училниците, ходниците и останатите простории во училиштата.
4. На физичко без маски
Што се однесува на часот по физичко образование, препораката е тoj да се одвива на отворено, додека дозволуваат временските услови. Инаку, овој час ќе се држи без носење на заштитни маски, без разлика дали е во дворот на училиштето или во спортска сала. Во протоколот јасно е наведено дека за време на часот по физичко не треба да има мешање на учениците од различни одделенија, за што училиштата ќе треба да подготват распореди, објасни Томшиќ.
5. Во случај на појава на позитивни – изолација по протокол
Во случај на појава на позитивни наставници, ученици и родители, ќе се постапува исклучиво по алгоритмите на Комисијата за заразни болести, која ќе утврдува кој од контактите ќе оди во изолација.
6. Првото резервно сценарио – хибриден модел
МОН е подготвено со уште две резервни сценарија кои би се применувале во зависност од епидемиолошката состојба, а кое од нив ќе се применува ќе одлучува Комисијата за заразни болести. Едното е хибридниот модел, кој се применуваше минатата учебна година – дел од учениците да следат настава со физичко присуство, додека останатите онлајн.
7. Второто резервно сценарио – систем на ротација
Другото резервно сценарио е примена на систем на ротација – со менување на групи ученици на една недела со физичко присуство и онлајн.