ОД 1 ЈАНУАРИ ПОЧНУВА ПРОБНИОТ ТЕСТ ЗА Е-ФАКТУРАТА Се стартува со компаниите кои имаат свои ИТ решенија

Со оваа реформа ќе се подобри управувањето со јавните финансии, ќе се подобри даночната усогласеност, брзо и лесно ќе се детектираат несоодветните одлуки на влезен ДДВ, несоодветно декларирани расходи кои не се признаваат за стопанската дејност,  ќе се намали сивата економија и ќе има поефикасна даночна контрола.

1

Од 1 јануари стартува пилот фазата за проектот е-фактура со којшто ќе се минимизира ризикот од злоупотреби и фиктивни фактури, најавува директорката на Управата за јавни приходи (УЈП) Елена Петрова.

Петрова денеска во дискусија на панелот „Дигитална трансформација на јавниот сектор“ на третата годишна конференција за дигитализација на АмЧам,  рече дека е избран модел со модерно решение усогласено со меѓународни стандарди и барања, кое за компаниите ќе биде лесно за примена и интеграција со нивните системи, како и дека се спроведуваат мерки кои ќе овозможат максимално да се минимизираат ризиците.






Според неа, со оваа реформа ќе се подобри управувањето со јавните финансии, ќе се подобри даночната усогласеност, брзо и лесно ќе се детектираат несоодветните одлуки на влезен ДДВ, несоодветно декларирани расходи кои не се признаваат за стопанската дејност,  ќе се намали сивата економија, ќе има и поефикасна даночна контрола.

Како што рече Петрова, е-фактура е меѓу најзначајните дигитални реформи на УЈП и за целата бизнис заедница, а се спроведува многу внимателно за да се обезбеди подготвеност на економските оператори кои ќе бидат корисници на новиот систем.

Петрова соопшти дека активностите почнале на 1 јули годинава и оти завршена е набавката на современата ИТ опрема која треба да обезбеди стабилна инфраструктура.

– Се наоѓаме пред клучна фаза, целосно сме фокусирани на стартот на пилот имплементацијата од 1 јануари 2026 година. Тогаш ќе го објавиме комуникацискиот механизам  кој треба да обезбеди автоматска и безбедна размена на податоците меѓу системите на компаниите и системот за е- фактура. Ќе биде поставена техничката документација, врз основа на која компаниите ќе можат да почнат да ги прилагодуваат своите софтвери, да ја спроведат техничката интеграција и да започнат со тестирање на испраќање и издавање фактури во контролирана тест околина. Оваа фаза ќе биде наменета за ИТ компании и тимови кои работат на развој и одржување на ваквите и слични системи, како и економски оператори кои имаат свои ИТ решенија – рече Петрова.

Според неа, до крај на првиот квартал 2026 година ќе бидат објавени клиентската и веб апликацијата кои ќе бидат наменети за помалите компании кои немаат сопствени фактурирачки системи, а до крајот на  вториот квартал ќе биде поставен продукцискиот сервер.

-Планирано е до крај на третиот квартал да заврши тестирањето и да почне имплементацијата – рече Петрова.

Појаснувајќи ги функционалностите, таа рече дека е избран модел на централизиран државен систем со кој ќе комуницираат компаниите.

– Комуникацијата и доаѓањето на податоците ќе биде во реално време бидејќи преку тој систем ќе се врши издавањето на фактурите.  Овој модел е најблиску до ОЕЦД концептот – Даночна администрација 3.0., кој се однесува на висока интеграција  на системите на даночната администрација со системите на компаниите и други страни и создавање на интероперабилен даночен систем. Карактеристично за овој модел е и тоа што со Министерството за финансии се договоривме во овој систем покрај фактурите да поминуваат и да се издаваат и пропратните документи како испратници, приемници, времени ситуации, итн., … со што системот ќе обезбеди целосна документирана деловна трага за еден деловен настан. Се прави со цел да се минимизира ризикот од злоупотреби и фиктивни фактури – рече Петрова.

Најважните предизвици се однесуваат на обезбедување систем кој, како што појасни, ќе биде соодветно димензиониран и ќе има соодветна брзина во функционирањето. Се работи и на заштита на податоците, автентичноста на фактурата, да нема можности за промени, заштитата од разни напади, блокирања на системот и слично.

 

Поврзани содржини