ОЧНАТА БОЛНИЦА ВО ПРОМЕДИКА СЕПАК ОПЕРИРАЛА НА ДИВО Јавно да се покажат лиценците, бара ВМРО-ДПМНЕ
Очна болница во центарот на градот, без добиени лиценци за вршење оперативни зафати, продолжила да функционира и да оперира граѓани, обвинува портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
Државниот здравствен и санитарен инспекторат призна дека во 2018 година издал решение за забрана за вршење на дејност на очната болница која функционира во склоп на поликлиниката Промедика, изјасви денеска Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
– Директорката Бухова, на сериозни обвинувања, за сериозен скандал, немаше доблест да излезе лично во јавност и лично да признае дека очигледно, до издавање на решението за затворање, болницата работела нелегално, а според нашите информации тоа продолжило и во следните години. Замислете, очна болница во центарот на градот, без добиени лиценци за вршење оперативни зафати, продолжила да функционира и да оперира граѓани, благодарение на штитењето од страна на директорката Бухова. Бухова вчера со намера да демантира, всушност призна за целиот овој случај и за нерегуларностите, мислејќи дека ќе се затвори темата и никој повеќе нема да говори. Таа не ги приложи јавно лиценците за кои говори дека ги има очната болница – изјави Арсовски и побара тие лиценци веднаш јавно да се објават.
– Главните прашања на кои сеуште не одговори Бухова и инспекторатот се следните: Дали оваа очна болница поседува лиценци и дозволи за вршење оперативни зафати или пак Бухова го штити ова диво оперирање? Кој ќе одговара за тоа колку пари се наплатени за оперативни зафати, ако се има предвид дека болницата немала одредени лиценци за вршење дејност? И дали е ова затајување данок, перење пари и сериозно економско кривично дело? – праша Арсовски.
ВМРО-ДПМНЕ ги повикува сите надлежни институции, на чело со министерот Беким Сали, да ги направи потребните чекори за санирање на овој хаос, а Бухова да ја разреши и да сноси одговорност.