ОЧЕКУВАВ 200, НО ДОЛГОТ Е НАД 300 МИЛИОНИ ЕВРА Ѓорѓиевски ја откри задолженоста на скопските претпријатија, отпуштени 500 лица
Градоначалникот на Скопје најавува радикални кадровски промени и нулта толеранција за оние што не доаѓале на работа, пет милиони евра загуба само од неработниците.
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, откри дека вкупниот долг на јавните претпријатија на градот надминува 300 милиони евра, далеку повеќе од очекуваните 200 милиони.
– Ќе треба посериозен ангажман, но тоа е дополнителен предизвик и мотив да изградиме метропола со која сите ќе се гордееме – изјави Ѓорѓиевски за ТВ Сител.
Тој додаде дека состојбата не го плаши и дека со добар тим и поддршка од Владата, градот ќе ја надмине кризата.
Градоначалникот најави дека сите јавни претпријатија ќе претрпат кадровски измени, од менаџерски тимови до директори на ЈП, установи од културата и средни училишта.
– Природно е секој човек да си донесе тим со кој сака да работи. Кадровските измени ќе бидат соопштени во следните денови – рече тој.
Ѓорѓиевски соопшти и дека бројот на отпуштени поради недоаѓање на работа пораснал од 370 на речиси 500 лица, што значи пет милиони евра загуба годишно, доволно пари за изградба на Лунапарк.
– За тоа се знаело и порано, но изгледа немало храброст да се преземат чекори. Нема да имам толеранција кон таквите работи – нагласи градоначалникот.
Тој објасни дека се разгледува можност не само да се отстранат од работа, туку и средствата да бидат вратени и да има одговорност од раководители и директори кои го дозволувале тоа. Најмногу вакви случаи имало во ЈП Паркови и зеленило, ЈП Комунална хигиена, но и во Дрисла, Водовод и канализација, како и во сите други јавни претпријатија.
– Не се работи за три дена, туку за месеци, па дури и години, луѓе на платен список без да доаѓаат на работа – додаде Ѓорѓиевски.