ОЧЕКУВАМ ПОДДРШКА ДА МИ ДАДЕ МОЈАТА СДСМ Максим Димитриевски се брани од нападите дека склучил пакт со злото
Срамни се обвинувањата на СДСМ Куманово кои се однесуваат на мојата кандидатура за градоначалник на претстојните локални избори, каде велат дека сум склучил пакт со злото.
Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, кој во вториот круг од локалните избори влезе како независен кандидат, одговора на нападите од неговата партија СДСМ дека склучил пакт со злото, што би требало да значи дека е во коалиција со опозицијата.
– Срамни се обвинувањата на СДСМ Куманово кои се однесуваат на мојата кандидатура за градоначалник на претстојните локални избори, каде велат дека сум склучил пакт со злото. Како независен кандидат за градоначалник побарав поддршка од сите граѓани. Побарав поддршка од сите политички партии во нашата земја. Очекувам поддршка деновиве да ми даде и мојата политичка партија СДСМ, членовите и симпатизерите од ДОМ, ЛДП, Коалиција на Албанците и Алтернатива, како и сите останати политички субјекти од македонскиот и албанскиот блок – објави градоначалникот на Куманово.
Димитриевски порача дека има само една коалиција, односно дека веќе се здружил со граѓаните на Куманово.
– Јас имам само една коалиција, а тоа е коалицијата со граѓаните! Тие на 17-ти октомври се изјаснија кој заслужува да ја добие довербата во Куманово. Изминативе денови сме сведоци на невидени притисоци, злоупотреби, обиди за поткуп и дискредитација на членови од нашата граѓанска иницијатива „За наше Куманово“! Ова е недозволиво. Како актуелен градоначалник и кандидат за градоначалник ќе продолжам да работам за сите граѓани подеднакво, затоа што граѓаните заслужуваат да живеат подобро – додаде тој.