ОЧЕКУВАМ ДЕЛНИЦАТА ГОСТИВАР-БУКОЈЧАНИ ДА БИДЕ ЗАВРШЕНА ВО ПРЕДВИДЕНИОТ РОК Мицкоски на увид на градежните работи на автопатот

Премиерот рече дека еден од врвните приоритети е изградбата на овој проект, битен за поврзувањето и подобрување на геостратешкото значење и положба на државата.

468

Очекувам овој проект да додаде вредност во животите на граѓаните, но истовремено да ја подобри логистиката низ државата, а ние како Влада ќе сториме се да биде реализиран во рамките на времето коешто претходно беше дефинирано – рече премиерот Христијан Мицкоски на денешниот увид во градежните работи на автопатот Гостивар-Букојчани.

Тој рече дека еден од врвните приоритети е изградбата на овој проект, битен за поврзувањето и подобрување на геостратешкото значење и положба на државата.






– Оваа Влада е целосно посветена на изградба на ваков тип на инфраструктура бидејќи поврзувањето, а и самата географска местоположба на државата треба да се искористи како предност. Да се биде раскрсница во регионот е стратешка предност и, како што кажа почитувана в.д. амбасадорка на САД во земјава, ние сме дел од НАТО и на овој начин, со реализирање на овие коридори, се подобрува отпорноста и безбедноста во регионот, но и на Јужното крило на НАТО – рече Мицкоски.

Тој се заблагодари на министерот за транспорт, на директорот на ЈПДП, на Управата за имотно правни работи, Министерството за финансии, Катастар и на сите други институции што учествуваат во реализација на овој проект.

– Работиме доста интензивно на оваа секција 2, односно на автопатот кој што оди од Гостивар до Букојчани, кој што од другата страна треба да се поврзе на автопатот Гостивар до Тетово, а во долната страна треба да се поврзе со автопатот кој ќе се гради од Букојчани до Кичево. Оттаму се поврзуваме на автопатот до Охрид и Струга кој веќе е во прогрес, така што ова е целиот автопат кој што оди на западното крило на Коридор 8, автопат кој што треба да го поврзе целиот овој регион, да донесе голем економски бенефит, повеќе бизнис и многу повеќе туристи – изјави вицепремиерот Николоски.

Тој истакна дека експропријацијата е завршена речиси 90 % што е за успех, а финансирањето е навремено што директно значи и навремена реализација на овој проект. Дополнително како што потенцира, градежништвото има историски раст од 21 %.

 

 

 

Поврзани содржини