Очајните домаќинки Али Ахмети и Бујар Османи
Моја најпријателска сугестија до Али и до Бујар е веднаш да се откажат од своите погубни наративи. Сакам да ги видам како луѓе кои трпеливо ја градат својата политичка позиција и довербата меѓу избирачите, а не како очајни домаќинки, кои вреват околу и прават севозможни комбинации, градејќи ја приказната за својата божем „несовладлива моќ“ како што се надградуваат вештачки трепки со кои намигнуваат ту лево ту десно и вештачки нокти со кои се гребат за власт по секоја цена.
Генералното политичко искуство во независна Македонија, воспоставено после турбулентните 1990-ти години, а особено после периодот 2006-2007 година, укажува на тоа дека постојат два клучни услова една политичка партија да формира одржливо парламентарно мнозинство после парламентарните избори и да ја освои извршната власт: првиот услов е да оствари солиден резултат на парламентарните избори, а вториот услов е да има префериран политички партнер во ликот на партија од втората најмоќна етничка заедница, партија која исто така има остварено солиден изборен резултат, партија со која односи на доверба и на меѓусебна соработка врз принципиелни основи се градат пред изборите.
Патем речено, тука една мошне битна забелешка – двата услови, кои не се никаде запишани а сепак важат, се кумулативни, што ќе рече дека е неопходно да се исполнат и двата, без да се игнорира или да се потцени едниот од нив.
„Формулата“ за освојување на власта во Македонија
Да се обидеме да ја расчлениме и да ја дообјасниме оваа навидум комплицирана „формула“ за освојување на власта.
Што значи тоа солиден изборен резултат? Во минатото овој „Њутнов закон“ на македонската политика се толкуваше како обврска на двете победнички партии во македонскиот и во албанскиот политички блок задолжително и по автоматизам да состават победничка влада. Но, генералното искуство потоа беше изнијансирано со настаните што се случија во меѓувреме, во последните десетина години. Имено, се покажа дека под солиден изборен резултат сепак треба да се подразбере скор на меѓусебно преферираните партнери којшто им овозможува да формираат стабилно парламентарно мнозинство, по можност проширено и со други учесници во владејачката коалиција.
Крутото правило „победник со победник“ прва го прекрши ДУИ на Али Ахмети, кога во 2017 година формираше парламентарно мнозинство и ја сподели извршната власт со СДСМ, партијата која не беше победник на вонредните парламентарни избори во декември 2016 година. Да се потсетиме, на тие избори партијата на Никола Груевски освои 51 мандат, 2 мандата повеќе од СДСМ на Зоран Заев. Поради познатите политички околности, ДУИ и СДСМ си најдоа оправдување да склучат „коалициски брак“ и формираа релативно стабилно парламентарно мнозинство. Така се прекрши дотогаш „светото“ правило, според кое само партиите апсолутни победници во двата етнички табора имаат право да ја поделат власта.
На последните парламентарни избори во 2024 година, после победата со историски резултат од 58 пратенички мандати во парламентот, ВМРО-ДПМНЕ за свои коалициски партнери избра албански партнери кои подоцна се обединија во формацијата Влен (Вреди), создавајќи силно и стабилно парламентарно мнозинство (блиску до двотретинско, што е преседан) и остварувајќи соработка врз принципиелни основи. Со 18 освоени мандати, Европскиот фронт на ДУИ остана во опозиција, нешто со што Али Ахмети и Бујар Османи очигледно и ден денес не можат да се помират.
Ахмети и Османи се занесуваат со блиц-криг тактика
Ја слушнав последната изјава на Бујар Османи. Кандидатот за градоначалник на Чаир и веројатен наследник на Али Ахмети на лидерската позиција во ДУИ, убеден дека неговата партија води со 3 спрема 1 во анкетите (?!), го опоменува премиерот Христијан Мицкоски дека не бил во позиција по своја волја да избира политички партнер меѓу Албанците и дека после локалните избори ДУИ „ќе преговара“ со ВМРО-ДПМНЕ за рекомпонирање на новата извршна власт.
Од оваа чудна изјава, разбрав три важни работи:
Прво, не биле сосема без основа шпекулациите дека Бујар Османи и ДУИ не се спремни да го признаат евентуалниот пораз во Чаир и општо на локалните избори, па се подготвуваат за „сенародни“ албански протести против власта.
Второ, штабот на ДУИ веројатно располага со податоци од анкети за кои во најмала рака би можело да се каже дека се – чудни. Ако се суди според изјавата на Мендух Тачи, во синоќешната дебатата на ТВ21, Али Ахмети ќе биде поразен на овие избори. Јас нема да ги коментирам бројките што сум ги слушнал од добро упатени извори, освен што би ги опоменал интегративците да штедат на еуфорија.
Трето и најважно, факт е дека ДУИ упорно се обидува низ форсирање непријателство кон ВМРО-ДПМНЕ и со закани со протести – на кои би се ширеле лажни наративи за „наместени избори“ и за „обесправеност на Албанците“ – да конституира некаква преговарачка позиција за рекомпонирање на извршната власт. Веројатно без избори. Или со предизвикување блиц-криг парламентарни избори, на кои ДУИ би победила по сила на „природните закони“.
ДУИ си има стратешки партнер, тоа е СДСМ!
Да се разбереме добро. Јас лично, најотворено и најдиректно, би ја поддржал тезата на кандидатот на ДУИ за Чаир дека Мицкоски не може „како ќе му текне“ да избира албански партнер во власта, но ова важи само ако хировитиот Бујар Османи се согласи дека овој став има некаква смисла само ако важи и во спротивната насока – ни ДУИ нема право „од мал мозок“ да избере македонски партнер со кој ќе стапи во коалиција. Без оглед на бројките, кои би покажувале помал или поголем отклон од она што би се сметало за солиден резултат на изборите (зборуваме, секако, за следните парламентарни избори), потенцијалните партнери за поделба на колачот на власта би морало да остварат соработка врз принципиелни, програмски, па и врз идеолошки основи. Токму така како што сега соработуваат и власта ја делат ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, заедно со другите учесници во коалицијата.
ДУИ си има таков партнер од 2017 година. Тоа е СДСМ. Со тој партнер ДУИ споделува сериозни програмски и политички ставови, дури и такви какви што жестоко беа поразени во последните два изборни циклуса. Зборувам, секако, за заедничкиот став на ДУИ и на СДСМ за прифаќање на уцените на Софија, поддржани од Брисел, евроинтеграцискиот процес на Македонија да се блокира и да се уцени со барања кои значат негација на самобитноста на македонската нација. А тоа е нешто на што Македонците, доминантно политички претставени од ВМРО-ДПМНЕ, никогаш не би го поддржале доколку услов за напредувањето на Албанците кон ЕУ би било негирање на албанскиот национален идентитет.
Факт е и тоа дека ДУИ и СДСМ имаат и видлива идеолошка блискост, која потекнува и од идеолошкото наследство на двете партии. Социјалдемократите се наследници на бившите комунисти, додека интегративците се идеолошки наследници на една идеолошка група која себеси во минатото се идентификуваше „марксисти – ленинисти“.
Дополнително, двете партии се заробеници на лажниот идеолошки дискурс што го форсираше Бајденовата администрација во Европа, дефиниран како „прогресивен либерализам“. Обременети од тој дискурс и од непринципиелните ставови на бирократијата во Брисел, двете партии сега се глуви да ги слушнат дури и отворените изјави на Урсула фон дер Лајен, во кои таа се залага за напуштање на принципот на вето во одлучување за најважните надворешно-политички прашања во Унијата, при што – јасно ли е барем тоа? – за ЕУ нема поважно такво прашање од политиката на проширување. Политичките и идеолошки партнери ДУИ и СДСМ, неспособни да направат елементарна анализа на процесите во ЕУ, сè уште ги продаваат истите изветвени мантри и ги шират истите лажни вести, според кои само уште еден чекор („Бугари во Уставот“) ја делел Македонија од почеток на преговорите со ЕУ (мантра), кои понатаму би течеле без условувања и без политика на вето (лага).
Мицкоски нема мандат од народот да подлегнува на вакви уцени
Но, да се вратиме на предизборните калкулации. За атер на Бујар Османи и на Али Ахмети, кои како ништо друго да не ги интересира …
Очигледно е дека политичката и идеолошка блискост со СДСМ, збогатена со големи и сè уште до крај нерасветлени корупциски скандали, е причината поради која Османи и Ахмети кон лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се обидуваат да воспостават однос базиран на условувања и закани, обидувајќи се да го уценат и меѓуетничкиот мир вио земјата. Тие двајцата како да не разбираат дека Мицкоски, иако има големо и стабилно парламентарно мнозинство, од народот никогаш не добил мандат да прифати такви уцени и да се пазари на начин што ќе ја доведе под сомневање својата јавно изразена определба со коалицијата Вреди да го продлабочува стратешкото партнерство на принципиелни основи.
Мицкоски нема мандат при првите проблеми во таа коалиција да седне и да „преговара“ со ДУИ, да прифаќа изнудени предвремени парламентарни избори и во име на задоволување на хировите на Ахмети и на Османи, да заборави на очекувањата на околу половина милион избирачи, на кои тој лично им вети сеопшт прогрес, економски напредок, подобар стандард, подобра локална инфраструктура и мал милион други нешта кои го чинат квалитетот на животот.
Никој веќе не се плаши од воинствена реторика и од закани
Конечно, Али Ахмети и Бујар Османи треба да сфатат дека никој не се плаши од нивната воинствена реторика и од заканите дека со „сенародни“ албански протести ќе направат хаос во Македонија. Секој обид за предизвикување нестабилност во меѓуетничките односи и за загрозување на мирот во земјата ќе наиде на осуда кај мнозинството граѓани на оваа земја, но и кај нашите стратешки партнери – САД и Велика Британија и во Европската унија. Обидот на доктор Бујар Османи на ваков начин да се факторизира како политички јастреб на албанската кауза, од него ќе направи само политичка карикатура на гавран, тажен лик кој ќе ги изгуби шансите да израсне во вистински политички лидер на својата партија.
Затоа, моја најпријателска сугестија и до него и до Али Ахмети е итно да го променат стилот на дејствување и да се откажат од своите погубни наративи. На ваков начин тие можат да разговараат само со луѓе со изгубен или со оштетен политички легитимитет. Какви што има во СДСМ, на пример. Дури ни будимпештанецот Никола Груевски, кого планираа да го вратат во Македонија за да ја загрози позицијата на Христијан Мицкоски, според моите сознанија, не се согласил со една таква опасна игра.
Сакам да ги првите луѓе на ДУИ – посебно докторот Бујар Османи – како луѓе кои трпеливо ја градат својата политичка позиција и довербата меѓу избирачите, а не како очајни домаќинки, кои вреват околу и прават севозможни комбинации, градејќи ја приказната за својата божем „несовладлива моќ“ како што се надградуваат вештачки трепки со кои намигнуваат ту лево ту десно и вештачки нокти со кои се гребат за власт по секоја цена.