ОБВИНИТЕЛСТВОТО ПОБАРА ПРИТВОР ЗА АВТОРОТ НА ЗАКАНУВАЧКИТЕ ПИСМА Му се заканил и на Габриел Ескобар, претставникот на Стејт департментот
На 11.12.2021 година, во рачно напишано писмо на англиски јазик, осомничениот се заканил дека ќе го убие Габриел Ескобар, помошник секретар во Стејт департментот на САД за надзор на политиката во државите на Западен Балкан, како и на други американски дипломати.
Денеска во Битола беше уапсен маж за кој полицијата се сомнева дека е автор на писмото со закани испратено до јавниот обвинител Љубомир Јовевски, но претходо тој ѝ се заканил и на обвинителката Вилма Русковска, како и на Габриел Ескобар, помошник секретар во Стејт департментот на САД.
„Основното јавно обвинителство од Прилеп донесе наредба за спроведување истражна постапка против 56-годишен битолчанец, осомничен за кривично дело – Загрозување лица под меѓународна заштита од член 420 став 4 во врска со став 1 и две кривични дела – Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 од Кривичниот законик“, објавија од обвинителството.
На 11.12.2021 година, во рачно напишано писмо на англиски јазик, осомничениот се заканил дека ќе го убие Габриел Ескобар, помошник секретар во Стејт департментот на САД за надзор на политиката во државите на Западен Балкан, како и на други американски дипломати. Писмото го адресирал до Амбасадата на САД во Скопје и истиот ден го испратил по редовна пошта преку АД Пошта на Македонија – подружница ЦРПС Прилеп.
Истиот осомничен, во периодот од 20.12.2021 до 22.12.2021 година, во два наврати, преку рачно напишани писма на англиски јазик, упатил сериозна закана дека ќе нападне врз животот и телото на службено лице во вршењето на службата и ја загрозил сигурноста на оштетената Вилма Русковска, Основен јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Двете писма ги испратил по редовна пошта преку АД Пошта на Македонија – подружница ЦРПС Прилеп, при што првото го адресирал до Јавното обвинителство на Република Македонија, а второто до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
На 17.01.2022 година осомничениот упатил сериозна закана дека ќе нападне врз животот и телото на службено лице во вршењето на службата и ја загрозил сигурноста на оштетениот Љубомир Јовески, Јавен обвинител на Република Македонија. Во писмо адресирано лично до оштетениот во Јавното обвинителство на Република Македонија и испратено преку редовна пошта во АД Пошта на Северна Македонија-подружница ЦРПС Битола, осомничениот упатил директни закани по живот.
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Прилеп до судијата на претходна постапка во Основниот суд во Прилеп достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, за кого постои опасност да се даде во бегство и можност да го повтори делото.