ОБВИНИТЕЛСТВОТО ОТКРИ ШЕМА НА ПЕРЕЊЕ ПАРИ ВО РЕК БИТОЛА Испумпани 106 милиони денари преку лажни фактури

Под лупа на Обвинителството: милионска афера со јавни набавки во РЕК Битола, дел од поранешното раководство завршува под истрага.

2,111

Основното јавно обвинителство Битола отвори истражна постапка против осум физички и едно правно лице за продолжени кривични дела поврзани со јавни набавки во РЕК Битола.

Петмина службени лица во комбинатот, меѓу кои тогашниот директор и четворица раководители и директори во ПЕ Рудници, се сомничат дека во текот на 2023 година како соизвршители сториле продолжено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“, така што не ја извршиле својата службена положба со намера на друг да му прибават корист, а да го оштетат комбинатот.






Според Обвинителството, тие спротивно на основниот рударски проект и на потребите на рудникот „Живојно“ организирале и реализирале јавна набавка за дислокација на погонски станици од рудникот „Осломеј“ во ПЕ Рудници – РЕК Битола.

„Правното лице — ДТПУ „Марковски Компани“, неговиот сопственик/управител и уште едно лице вработено во компанијата, се сомничат дека, иако биле свесни дека работите не се извршени, доставувале фактури врз основа на кои од РЕК Битола незаконито наплатиле 106.200.000 денари со вклучен ДДВ. Со тоа сториле продолжено кривично дело „злоупотреба на постапката за јавен повик и јавно-приватно партнерство“, наведуваат од Обвинителството.

Како што информираат од Обвинителството, предистражните дејствија биле преземени по наредба на јавниот обвинител, а ги спровела Управата за финансиска полиција во изминатите неколку месеци.

Доказите укажуваат дека петмина осомничени – службени лица во РЕК Битола, односно тогашниот директор и четворица раководители и директори, во текот на 2023 година свесно ги повредиле основните начела за економичност, ефикасност и ефективност од Законот за јавни набавки.

„Иако знаеле дека за транспортот на јаглен во рудникот Живојно не е предвидена метода со континуирана технологија, тие сепак ја организирале набавката спротивно на проектот. При дефинирањето на условите го прекршиле начелото на конкурентност, овозможувајќи една фирма, ‘Марковски Компани’, да биде единствен понудувач и да се стекне со противправна корист од големи размери“, наведуваат од Обвинителството.

Тројца од раководителите и директори во ПЕ Рудници, како и уште едно службено лице во РЕК Битола, се осомничени и за продолжено кривично дело „измама во службата“.

Тие, иако знаеле дека работите не се извршени, потпишувале записници и извештаи дека договорот е целосно реализиран, наведувајќи дека во периодот од 26 февруари до 17 јули 2024 година е извршена демонтажа, транспорт и монтажа на погонските станици од РЕК Осломеј во РЕК Битола.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот суд во Битола ќе достави предлог за притвор за две лица, сопственикот на фирмата и еден раководител од ПЕ Рудници при РЕК Битола.
За две други раководни лица и за еден вработен во компанијата се предлагаат мерки на претпазливост — одземање на патна исправа и повремено јавување во судот.

Поранешниот директор на РЕК Битола веќе се наоѓа во притвор по друга постапка, а уште едно службено лице е под веќе активни мерки на претпазливост.

Од Управата за финансиска полиција информираат дека до Обвинителството доставиле кривична пријава против:

Б.М., управител и сопственик на „Марковски Компани“,

А.З., вработен во истата компанија,

Б.Ч., раководител во Подружница РЕК Битола – Новаци,

Д.П., технички директор на Рудници,

Д.В., технички директор на ПЕ Рудници,

В.Ј., помошник директор на производство,

П.М., директор на АД ЕСМ – Подружница РЕК Битола,

А.Ј., раководител во Рудник Суводол,

и против правното лице ДТПУ Марковски Компани Борче ДООЕЛ Битола за сторени кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „злоупотреба на постапка за доделување јавна набавка или јавно-приватно партнерство“.

Реакција од АД ЕСМ: „Ниту еден член од тековното раководство не е инволвиран“

По објавувањето на информациите, АД ЕСМ реагираше со официјално соопштение:

„Ниту еден член од тековното раководство на РЕК Битола не е приведен, ниту инволвиран во тековната постапка. Приведените лица се дел од поранешното раководство на РЕК Битола, а постапката се однесува на дејствија донесени во претходниот период, пред сегашното раководство да ја преземе функцијата“, соопштија од ЕСМ.

Од компанијата додаваат дека целосно го поддржуваат расветлувањето на случајот:

„Го охрабруваме целосното расветлување на случајот и ја поддржуваме работата на институциите. Во интерес на точно информирање, апелираме до медиумите и јавноста да прават јасна разлика меѓу поранешното и сегашното раководство, за да не се наруши довербата во работата на АД ЕСМ“, додаваат од компанијата.

УАПСЕН БОРЧЕ МАРКОВСКИ, ЧОВЕКОТ ЧИЈА КОМПАНИЈА ВРТЕШЕ МИЛИОНИ ЕВРА ОД РЕК БИТОЛА Финансиската полиција го сомничи за местење тендер од 100 милиони денари

Поврзани содржини