ОБВИНИТЕЛСТВОТО НЕМА ДА ГО ГОНИ СУДИЈАТА ФЕРАТИ Утврдило дека навистина преполагал 4 предмети за повисоки оценки
Правниот факултет при Тетовскиот универзитет до ЈО доставил материјални докази – барања, решенија и пријави за повторно полагање, како и доказ за добиени оценки за 4 предмети, со кои Факултетот потврдува дека во 2014 година студентот ги преполагал испитите и добил повисоки оценки, велат од Обвинителството.
Јавното обвинителство нема да го гони судијата Ељведин Ферати од Основниот суд Тетово, затоа што утврдиле дека тој навистина ги преполагал предметите по право, чии претходни оценки беа прешкртани. Откако добил повисоки оценки на Правниот факултет на Тетовскиот универзитет, го постигнал потребниот просек за да се запише на Академијата за судии и јавни обвинители.
Според Обвинителството, судијата Ферати не прекршил закон.
„По поднесено известување од Државниот просветен инспекторат, Основното јавно обвинителство Скопје оформи предмет и ја прибави целокупната документација од досието на наведениот студент од Правниот факултет при Државниот универзитет во Тетово и од Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“. Во прилог на досието беа доставени и материјални докази – барања, решенија и пријави за повторно полагање, како и доказ за добиени оценки за 4 предмети, со кои Факултетот потврдува дека во 2014 година студентот ги преполагал испитите и добил оценки со кои го зголемил својот просек над 8, по што се пријавил за кандидат на Академијата за судии и јавни обвинители“, изјавиле од Обвинителството за „Скопје1“.
Ваквата информација, додава ЈО, на 31.1.2024 година Државниот универзитет во Тетово ја доставил и до Државниот просветен инспекторат, како дополнување на списите врз основа на кои бил изготвен записникот за извршен инспекциски надзор во јуни 2023 година.
„Имајќи ги предвид доставените документи, јавниот обвинител кој постапуваше во предметот на 10.3.2025 година донесе резолуција со која констатираше дека не се исполнети елементите врз основа на кои би можел да преземе кривичен прогон по службена должност“, додава ЈО.
Судијата Ферати дипломирал како дел од шестата генерација слушатели на Академијата за судии и јавни обвинители. Во декември 2023 година Антикорупциската комисија соопшти дека тој се пријавил во Академијата за судии дека има оценка 8,20, а во дипломата за завршени студии по право на Тетовскиот универзитет, имал просек 7,88. Комисијата тогаш соопшти дека Државниот просветен инспекторат при контрола во Тетовскиот универзитет утврдил дека во матичната книга кај студентит Ферати има пречкртани 3 оценки, и допишани нови, повисоки оценки. По ова, во септември минатата година беше отворена предистрага.
Судијата Ељведин Фераи е во фокусот на јавноста откако вчера во Основниот суд во Тетово пресуди 2 години затвор на повтореното судење за возачот Менсур Пајазити што на пешачки премин ја прегази 22-годишната Теодора Ристовска. Семејството на Ристовска е огорчено од ниската казна, која предивика жестоки реакции во јавноста.