ОБВИНИТЕЛСТВОТО НА СЛОВЕНИЈА БАРА СУДСКА ИСТРАГА ЗА ПРЕМИЕРОТ ГОЛОБ Наводно се мешал во работата на полицијата

Полицијата поднесе кривична пријава против премиерот Голоб до специјалното обвинителство минатиот октомври. Тврдењата за наводна интервенција на Голоб во работата на полицијата ги изнесе поранешната министерка за внатрешни работи, Татјана Бобнар.

57

Специјалното обвинителство на Словенија поднесе барање за судска истрага против премиерот Роберт Голоб до Окружниот суд во Љубљана, јави словенечката редакција на телевизијата Н1.

Истрагата била побарана вчера по предметот „Бобнар“, поврзан со тврдења за наводна интервенција на Голоб во работата на полицијата, кои против премиерот ги изнесе поранешната министерка за внатрешни работи, Татјана Бобнар.






Полицијата поднесе кривична пријава против премиерот Голоб до специјалното обвинителство минатиот октомври. Како што објасни полицијата тогаш, премиерот е осомничен за „давање подароци за незаконско посредување“.

Ако судот одлучи да се произнесе по барањето на специјалното обвинителство за судска истрага, против Голоб ќе се отвори кривична постапка, со што тој ќе добие статус на обвинет.

Адвокатот на премиерот, Стојан Здолшек, изјави за Н1 дека не бил информиран за поднесувањето на барањето за судска истрага, односно, обвинителството не го известило за тоа. Тој истакна дека е длабоко убеден дека нема основано сомневање поради кое судот би отворал судска истрага против премиерот.

Поранешната министерка Татјана Бобнар не сакала да даде коментар и ги упатила новинарите на Н1 кон својот адвокат Лука Шваб. Тој само изјавил дека биле информирани за одлуката на обвинителот од претставници на медиумите и дека сè останато е прашање на проценка и истрага од страна на властите и судот.

Поврзани содржини