Обвинителството истражува кој организираше масовен собир на верници во Струга среде епидемија
Oбвинителството во Струга отвори предмет по допрен глас, откако се појавија снимки и фотографии на социјалните мрежи, а во врска со масовното присуство на граѓани на литијата одржана на 7 мај, по повод верскиот празник Св. Ѓорѓија.
„Постапувањето на обвинителството е заради присуството на граѓани на литијата во услови на пандемија, кога не се почитувани одлуките на Владата на Република Северна Македонија за задолжително придржување на здравствените прописи и тоа во однос на забраната за групирање во групи поголеми од две лица, потребното растојание од најмалку два метра меѓу лицата и задолжително носење заштитни маски доколку просторот меѓу граѓаните е помал од пропишаното“, информираат од Обвинителството.
Струшкото обвинителство поднесе барање до МВР – ОВР Струга за проверка на настанот и откривање на евентуални сторители на кривичното дело.
Притоа, како што наведуваат од обвинителството, побарано е да се идентификуваат и повикаат организаторите на литијата за да се утврди дали настанот бил уредно пријавен.