ОБВИНИТЕЛСТВОТО ЌЕ ИСПОРАЧА ПРАВДА, УВЕРУВА КОЦЕВСКИ Наскоро резултати од сложени предмети за тешки дела против животот и за финансиски криминал
Коцевски рече дека има ново упатство за работа со кое во ЈО се дава приоритет на постапките за коруптивни кривични дела, затоа што граѓаните, но и Европската Унија итно очекуваат резултати од борбата против корупцијата.
Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски најави дека во следниот период пред јавноста ќе бидат презентирани конкретни резултати во повеќе сложени предмети од областа на финансискиот криминал, но и предмети поврзани со тешки кривични дела против животот и телото.
– Ова се постапки на кои јавните обвинители работеа напорно во изминатите месеци. Верувам дека јавноста ќе биде многу заинтересирана – рече државниот обвинител Коцевски на брифинг со новинарите.
Тој не откри повеќе детали за какви кривични дела против животот и телото се работи. Во оваа група кривични дела се убиства, тешки повреди, помагање при самоубиство, противправно прекинување на бременост и др.
Коцевски рече дека има ново упатство за работа со кое во ЈО се дава приоритет на постапките за коруптивни кривични дела, затоа што граѓаните, но и Европската Унија итно очекуваат резултати од борбата против корупцијата.
– Согласно упатството веќе во следните десетина дена ги очекувам првите информации од пониските јавни обвинителства во врска со досегашниот тек на таквите постапки, кои се воочените проблеми и кои се предлозите за нивно надминување. За сите сознанија јавноста транспарентно ќе ја известуваме – изјави Коцевски.
Тој информираше дека спроведувањето на финансиските истраги во предметите каде ќе бидат детектирани приноси од кривично дело во иднина ќе бидат правило, а не исклучок.
– Со поддршка на САД опремени се истражните центри во ОЈО Скопје и ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција. Тие сега имаат навистина современи можности за преземање истражни дејствија. Во тек е оглас за припадници на МВР за пополнување на позиции во истражните центри. Во функција се истражните центри во Куманово и во Тетово, а до крајот на година ќе се формираат и во Битола и во Штип. Со сите овие чекори очекувам резултати и тоа на краток рок. За граѓаните ќе бидат видлива правдата и ќе биде јасна улогата на Обвинителството во испорачувањето на правдата – нагласи Коцевски.
Коцевски, на почетокот на денешниот брифинг на кој присуствуваа повеќе јавни обвинители, како и шефовите на ОЈО ГОКК Ислам Абази и на ОЈО Скопје Гаврил Бубевски, посочи дека јакнењето на транспарентноста е еден од основните приоритети во неговиот мандат. Со транспарентноста, додаде, ќе ја зајакнува и отчетноста, а со тоа и одговорноста на јавните обвинители.
Коцевски додаде и дека во Собранието укажал дека не е исполнета законската обврска да им се доделат 0,4 проценти од Буџетот. Минатата година им биле одобрени 0,2 и годинава, исто така, 0,2 проценти.
– Проблемите и понатаму ќе останат, такви какви што се. Со оглед дека има само 360 јавно-обвинителски службеници, а треба над 1.100. Во моментов имаме помалку од 95 јавни обвинители – рече Коцевски.