ОБВИНИТЕЛСТВОТО ДА ИСТРАЖИ ДАЛИ ПАЛЧО И ОСТАНАТИТЕ ИМАЛЕ ЛОГИСТИКА ВО ИНСТИТУЦИИТЕ Туфегџиќ повтори дека не е одговорено клучното прашање – зошто е убиена Вања
Институциите да одговорат дали со инволвирањето на Александар во оваа постапка свесно е направен дефокус од она што требаше да биде предмет на истрагата, а тоа е она што го кажа обвинетиот Велибор Манев уште од почетокот,дека од 2022 година се кроеле планови и списоци за киднапирање и за убивање луѓе, рече адвокатот Владимир Туфегџиќ.
Денеска нема простор за победничка еуфорија, Кривичниот суд донесе законита одлука, меѓутоа оваа одлука по своја суштина е празна затоа што не ги добивме одговорите на три клучни прашања – зошто е киднапирано и зошто е убиено ова дете и зошто по секоја цена се инсистираше Александар да биде дел од оваа постапка, иако од првиот момент се знаеше дека за него нема ниту еден доказ, изјави адвокатот Владимир Туфегџиќ по денешната ослободителна пресуда за Александар Ѓорчевски, татко на убиената Вања Ѓорчевска, кој беше обвинет за помагање на нејзиното грабнување.
Нејзините убијци добија казна доживотен затвор.
– Институциите кои ја раководеле оваа истрага се должни да дадат одговори на овие прашања. Особено на прашањето дали со инволвирањето на Александар во оваа постапка свесно е направен дефокус од она што требало да биде предмет на истрага, а тоа е она што го кажа обвинетиот Велибор Манев уште од почетокот, од 6.12.2023 година, дека од 2022 година се кроеле планови и списоци за киднапирање и за убивање луѓе. Со цел да го остварат тој план, во 2022 година овие лица копале дупки по Македонија. Мислам дека сега е ред и Јавното обвинителство, началникот за сериозен и организиран криминал Дејан Димовски и Музафер Каришиќ и сите овие луѓе кои учествувале во истрагата против Александар, вклучително и службата за државна безбедност, да дадат одговор каде биле, што правеле и како овие лица не се детектирани навреме. Да одговорат и дали овие лица имаат своја логистика некаде во некои институции. Тоа се прашања на кои одговор заслужува да добие пред сè јавноста и ние како општество и како држава, за да бидеме сигурни дека утре ова нема да му се случи на некој друг родител, кој недај боже, ќе му исчезне дете и ќе отиде во полициска станица да пријави и ќе заврши во притвор – изјави Туфегџиќ.
Тој рече дека ќе се консултира со неговиот клиент Александар Ѓорчевски за тоа дали ќе поднесат кривични пријави против јавните обвинителки.
– Тој нема расположение за кривично гонење. По тоа прашање ќе го кажам следново. Јавниот обвинител денеска беше токму онаков каков што беше уште откако почна постапката, потполно конфузен. Денеска побара продолжување на куќниот притвор за Александар, во правна ситуација кога законот тоа изрично го забранува и каде што при носење на ослободителна одлука задолжително и по автоматизам се укинува притвор. Ја видовте конфузијата на двете јавни обвинителки – рече Туфегџиќ.
Во судницата, по ослободителната пресуда за Александар Ѓорчевски обвинителката Жаклина Крстевска Јосифовска побара Кривичниот суд да му ја продолжи мерката куќен притвор до правосилноста на одлуката, согласно закон, а по неа стана втората застапничка на обвинението, Ана Стојковиќ Димитровска и се изјасни дека бараат мерката куќен притвор да се укине, согласно ослободителната пресуда. Бранителот Туфегџиќ се изјасни дека е затечен од различните барања на обвинителките. Судијата Ивица Стефановски рече дека Александар е ослободен од куќниот притвор, а одлуката стапува на сила веднаш.
Во изјавата пред медиумите бранителот Туфегџиќ зборуваше и за тортурата која му е вршена на Александар, со цел да му се изнуди признание.
– Во таа насока, овој јавен обвинител од мене има добиено известување за тортура од 18.1.2024 година, а судијата на претходна постапка има добиено барање за доставување медицинска документација за констатирани повреди од вршење тортура врз Александар од 16.2.2024 година. По ниедно од тие барања не е постапено. Ниту јавниот обвинител кој денеска беше присутен го проследил тоа известување до надлежното ЈО за гонење организиран криминал и корупција кое постапува за сторени кривични дела од страна на полицијата. Се надевам и верувам, и покрај тоа што ЈО самото по своја вина се најде во непријатна ситуација, затоа што поклонија верба, не на докази, туку на лични и субјективни мислења од инспекторите Дејан Димовски и Музафер Каришиќ, дека ЈО има професионален капацитет да ја продолжи истрагата. Тоа го заслужува овој настан како целина. Републичкиот јавен обвинител треба веднаш да преземе мерки и активности да се продолжи истрагата – рече Туфегџиќ.
Доживотна казна затвор им беше изречена на обвинетите Љупчо Палевски, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев за убиството на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски извршени на 27 ноември и на 22 ноември 2023 година. Судот одлучи мерката притвор спрема обвинетите осудени за доживотен затвор да се продолжи до правосилноста на пресудата.
Во обвинението за двојното убиство стои дека обвинетите заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде пари за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде неговото возило „цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје. Но, судот пресуди дека ЈО не го докажало делото грабнување поради користољубие во случајот со Панче Жежовски, туку само во случајот со киднапирањето на 14-годишната Вања Ѓорчевска.