ОБВИНИТЕЛСТВОТО ДА ЈА ИСТРАЖИ УЛОГАТА НА ФИЛИПЧЕ ВО СКАНДАЛОТ ОНКОЛОГИЈА, БАРА ВМРО-ДПМНЕ Молчењето на Венко е потврда дека е виновен
Филипче должи одговори на сите прашања за Онкологија, златната виза, бизнисите во Дубаи и ако има аргументи, истите може и да ги демантира. Но, неговиот молк нè тера да мислиме дека ги потврдува сите поставени дилеми, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Венко Филипче должи одговори дали тој стои зад најголемите корупциски и криминални скандали во здравството во неговиот мандат, потсетува владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ.
„Венко Филипче е поранешен министер за здравство. Филипче сега ја врши должноста претседател на СДСМ и верно му го чува местото на Зоран Заев. Но, Филипче е човекот кој ќе биде запаметен по тоа што во неговиот министерски мандат македонското здравство е паднато на колена, уништено, девалвирано, полно со криминал и со корупциски скандали. Случајот Онкологаја, каде на тешко болни пациенти од рак, наместо лек им се давало физиолошки раствор, а скапите онколошки терапии се продавале на црниот пазар, се случи токму кога Венко Филипче е министер за здравство“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Кога Филипче беше министер за здравство, се додава во соопштението, се случи и трагедијата во Модуларната болница во Тетово, каде живи изгореа 14 луѓе.
„Како министер Венко Филипче доделуваше тендери за набавка на лекови на нему блиска веледрогерија, од кои набавки, сигурно, ќаруваше проценти. Како тогашен министерот за здравство Филипче, исто така, беше фатен како од фанто фирма сака да купи вакцини по двојно повисока цена од пазарната. Токму поради тоа што во негов мандат се случуваат најголемите корупциски и криминални скандали, Филипче треба да одговори, дали тој стои зад последниот судски случај во Онкологија, каде што од Буџетот на државата биле исцедени 2,2 милијарди денари или 35 милиони евра? Дали со на овој начин украдените пари на маката и здравјето на онколошките пациенти, Филипче си купил акции во индиска авиокомпанија и станал ортак со Заев во бизнисот со 50 катницата во Дубаи“, прашува ВМРО-ДПМНЕ.
Дали со овие пари спечалени на маката и здравјето на луѓето, Филипче ја добил златната виза, се додава во соопштението.
„Филипче должи одговори на сите овие прашања. Ако има аргументи, истите може и да ги демантира. Но, неговиот молк нè тера да мислиме дека ги потврдува сите поставени дилеми. Од друга страна, додека Филипче молчи, повторно го повикуваме ОЈО да истражи која е неговата улога во случајот Онкологија“, апелира владејачката ВМРО-ДПМНЕ.