ОБВИНИТЕЛСТВОТО ЧЕКА КРИВИЧНА ПРИЈАВА ОД ЛАТАС ЗА ЗАКАНИТЕ ОД КОСТАДИНОВ Струмичката телевизија Вис гневно го нападна новинарот
Од обвинителот се дадени насоки дека за да постојат елементи на кривичното дело Загрозување на сигурноста по член 144 од Кривичниот закон, по кое би постапувала полицијата, потребно е да има поднесено писмена пријава од лицето дека истото се чувствува загрозено, велат од полицијата во врска со заканите од струмичкиот градоначалник Костадин Костадинов до новинарот Драган Павловиќ Латас.
Струмичката полиција се консултирала со јавен обвинител во врска со заканите кон новинарот Драган Павловиќ Латас што му ги упати градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов.
– Од страна на СВР Струмица за конкретниот случај се направени консултации со јавен обвинител. Од обвинителот се дадени насоки дека за да постојат елементи на кривичното дело Загрозување на сигурноста по член 144 од Кривичниот закон, по кое би постапувала полицијата, потребно е да има поднесено писмена пријава од лицето дека истото се чувствува загрозено – велат од полицијата за Плусинфо.
Од Јавното обвинителство велат дека досега до нив нема пристигнато кривична пријава во врска со овој случај.
– До овој момент до Основното јавно обвинителство Струмица не е поднесена кривична пријава од оштетен, ниту е доставено известување од органите кои се надлежни за откривање и за документирање на сомненијата за кривични дела сторени на интернет – велат од Јавното обвинителство.
Обвинителството има назначени обвинители кои постапуваат во случаи кога е загрозена сигурноста на новинарите, но за да постапуваат, потребна е пријава.
– Назначените јавни обвинители имаат овластување да го следат постапувањето во предметите по поднесени кривични пријави во кои се оштетени новинари, а не самите да постапуваат по такви предмети. Такви јавни обвинители се назначени во обвинителствата во Скопје, Битола, Тетово и во Штип, односно во оние обвинителства каде што се евидентирани повеќе вакви предмети – велат од ЈО.
Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов вчера ја повика целата своја фамилија да му се одмаздат на новинарот Латас „според нивните закони“ затоа што се осмелил да го спомене неговиот татко.
На заканата реагираше ВМРО-ДПМНЕ, која ја оцени како говор на омраза и повик за линч, и побара надлежните органи итно да постапат.
Откако градоначалникот Костадинов ја упати заканата кон Латас, со слични зборови се јави и струмичката телевизија Вис и му порача на новинарот дека „цела Струмица е мобилизирана“.
„Кога немаш што да кажеш против човекот – ќе удриш по татко му. Тоа го направи Драган Павловиќ Латас. Во директна, срамна и политички нарачана служба за ВМРО-ДПМНЕ, го впери прстот кон покојниот татко на градоначалникот Костадинов, Колјо Фани, човек што го познаваше цела Струмица“, објави телевизијата Вис.
Струмица не брани личност, туку чест, пишиува медиумот и упати предупредување до новинарот Латас.
„Ова не е одговор. Ова е предупредување. Латас направи грешка што ќе ја носи додека дише.
А фамилијата Костадинов – ќе му ја врати додека постои“, пишува во објавата на струмилката телевизија.