ОБВИНИТЕЛСТВО НЕГИРА ДЕКА ИМАЛО ПРИВЕДУВАЊА ВО ГОСТИВАРСКО Општина Врапчиште пријавила граѓани за недозволена градба близу пат, тие тврдат дека ја расчистувале црквата

На „Фејсбук“ е објавено видео на кое се гледаат багери во дворот на црквата во селото Галате, десетина граѓани и повеќе полицајци, кои, според присутните, наводно дошле сите да ги приведат заради узурпација на земјиште

318

Јавното обвинителство негира дека имало приведувања на граѓани во Гостиварско, а во врска со настанот кога локални жители со багери и друга градежна механизација го расчистувале теренот околу црквата во селото Галате, на територијата на Општина Врапчиште.

„Во однос на објавените невистинити информации кои се споделуваат на социјалните мрежи, а се преземени од повеќе медиуми и се однесуваат за настан во близина на верски објект во гостиварско, Основното јавно обвинителство Гостивар ја известува јавноста дека јавен обвинител нема издадено наредба за приведување или задржување на ниту едно лице. Основното јавно обвинителство Гостивар е известено дека МВР постапува во конкретниот случај по поднесена пријава од Општина Врапчиште за недозволено вршење градежни работи во непосредна близина на магистрален пат. Работите се прекинати, а по насоки на јавен обвинител денеска полициски екипи ќе извршат увид на лице место со цел да се утврди каков е статусот на објектот и работите кои се извршувале, како и дали во целиот настан воопшто има елементи на кривично дело“ соопшти денеска Обвинителството.






На социјалната мрежа „Фејсбук“ е објавено видео на кое се гледаат багери во дворот на црквата, десетина граѓани и повеќе полицајци. Граѓанинот кој го снимил видеото коментира дека тие само ја расчистуваат и ја средуваат црквата, а полицајците наводно дошле сите да ги приведат и да им го одземат багерот, по наредба на јавен обвинител. Видеото масовно се споделува и е проследено со бурни реакции на граѓаните за постапките на надлежните институции.

Видеото е објавено овде.

Поврзани содржини