ОБВИНИТЕЛСТВАТА СЕ ПРАЗНАТ 25 обвинители ќе одат во пензија, дури по две години ќе се примат нови

Сите основни обвинителства во државата остануваат со далеку помал број обвинители од потребниот, со што се доведува во прашање не само нивната ефикасност, туку и извршувањето на нивната функција, рече Јовески.

385

Постои опасност основни јавни обвинителства да останат без јавни обвинители, како што се обвинителствата во Свети Николе и во Делчево, предупреди јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љубомир Јовески кој денеска ја одржа традиционалната предновогодишна средба со шефовите на јавните обвинителства во државата.

– Oбвинителствата се соочуваат со природен одлив на вработените, како и на јавните обвинители кои заминуваат во пензија. Уште повеќе што во меѓувреме, донесени се законски одредби со кои се оневозможува работењето на јавните обвинители по навршување на 64 години. Па така, имајќи ја предвид старосната структура во обвинителството, следната година во пензија треба да заминат околу 20 обвинители, во 2023 година уште петмина. Нивното место, според сегашната динамика ќе може да се пополни дури за две години. Постои опасност основни јавни обвинителства да останат без јавни обвинители, како што се обвинителствата во Свети Николе и во Делчево. И другите основни обвинителства во државата остануваат со далеку помал број обвинители од потребниот, со што се доведува во прашање не само нивната ефикасност, туку и извршувањето на нивната функција. Овие прашања се високо приоритетни за следниот период и тука вложуваме напори за нивно разрешување – истакна Јовески и додаде дека во 2021 година имало кривично-правни настани и предмети кои по својата тежина биле испит за самостојно, стручно, одговорно постапување и пред сѐ, за обвинителство кое неселективно ќе ги гони сторителите на кривични дела.






Тој додаде дека во дел од обвинителствата почнале да функционираат истражните центри и веќе се чувствуваат првите придобивки од поголемата независност во преземањето на истражните дејствија. Недостигот на стручен кадар е видлив и во делот на секторот за информатички технологии, особено ако се имаат предвид плановите и најавите за дигитализација на правосудството, а со тоа и на обвинителството.

Формирана е работна група за изработка на нов Кривичен законик во Министерството за правда, во која учествува и јавен обвинител, а претставници од Јавното обвинителство учествуваат и во работната група за Законот за кривична постапка.

– Отпочнат е процесот на согледување на резултатите, одговорноста и отчетноста на јавните обвинители со тоа што започна да се оценува работата на секој јавен обвинител преку систем за утврдување на резултатите. Ве повикувам овој систем на оценување да го прифатите како еден поттик за уште поголема ефикасност во вашата работа – нагласи Јовески.

Буџетот на Обвинителството за следната година е зголемен за околу 14%, платите на јавните обвинители и јавнообвинителските службеници ќе се зголемат за 15%, а обвинителството ќе мора да оствари сериозни реформи за да се придвижи кон европските стандарди.

Поврзани содржини