ОБВИНИТЕЛКИТЕ ГО ПРЕТЕКНАА ПАЛЧО, ТИЕ ЌЕ ГО ИЗВЕДАТ „НЕГОВИОТ“ ДОКАЗ Времето на камерите од куќата на Манев било час нанапред

На денешното рочиште ќе се разгледува извештајот од ЛПР системот од „Безбеден град“ на МВР, на предлог на Обвинителството. Овој извештај првообвинетиот Палевски во повеќе наврати бараше да биде изведен како доказ, затоа што во него има податок дека возилото „рено кангу“ е снимено кај железничката станица во близина на седиштето на Десна на 22 ноември 2023 година и тоа во време 15 минути после полноќ. Палевски се бранеше дека Обвинителството тврди дека во тоа исто време „реното“ е во Велес, пред куќата на Велибор Манев, а не може да е на две места во исто време.

3,300

Со изведување на нови докази на Јавното обвинителство во дополнението на доказната постапка денеска во Кривичнот суд ќе продолжи судењето за грабнувањата и свирепите убиства на Панче Жежовски (74) од Велес и на Вања Ѓорчевска (14) од Скопје, извршени на 22 и на 27 ноември 2023 година. За злосторствата им се суди на првообвинетиот Љупчо Палевски Палчо, поранешен претседател на партијата Десна и на неговите сопартијци Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев. На Александар Ѓорчевски му се суди за помагање во киднапирањето на неговата ќерка Вања.

Не било „кангуто“ на две места во исто време, туку времињата не биле исти






На денешното рочиште ќе се разгледува извештајот од ЛПР системот од „Безбеден град“ на МВР, на предлог на Обвинителството. Овој извештај првообвинетиот Палевски во повеќе наврати бараше да биде изведен како доказ, затоа што во него има податок дека возилото „рено кангу“ е снимено кај железничката станица во Скопје во близина на седиштето на Десна на 22 ноември 2023 година и тоа во време 15 минути после полноќ. Палевски се бранеше дека Обвинителството тврди дека во тоа исто време „реното“ е во Велес, пред куќата на Велибор Манев, а не може да е на две места во исто време.

Според снимките од пред куќата на Манев, кои се еден од клучните докази на ЈО, четворицата обвинети вечерта пред убиството на Панче Жежовски го планирале злосторството што го извршија следното утро. На снимките се гледаше како тие изнесуваат предмети од „реното“ и ги внесуваат дома кај Манев, како кеса, торбичка, две туби итн., а се гледаат и како го обиколуваат теренот и пеш и со „реното“, ги тестираат радио-станиците, носат слушалки и микрофони, ставаат ракавици на рацете и слично. Откако ги завршиле подготовките Палевски и Кешишев со „рено кангу“ се враќаат во Скопје, а велешаните Манев и Видевски остануваат во Велес. Според снимките, Палевски и Кешишев рано изутрината повторно доаѓаат пред куќата на Манев, од каде четворицата тргнуваат да го киднапираат и да го убијат Панче Жежовски.

Снимките од пред куќата на Манев беа презентирани на рочиштето на 21 февруари и тогаш обвинителката Ана Стојковиќ Димитровска рече дека Палевски и Кешишев тргнале кон Скопје во 00.13 часот.

Палевски силно се фати на овој момент со времето. Рече дека според ЈО „рено кангу“ на 22.11.2023 година во 00.13 часот било во Велес, а според извештајот од ЛПР системот од „Паметен град“ е снимено во 00.15 часот кај железничката станица во Скопје. Затоа најави дека ќе бара ЛПР-извештајот да биде изведен како доказ на неговата одбрана, но обвинителките го претекнаа и тие побараа овој извештај да биде изведен како доказ на обвинението.

Палевски на минатото рочиште се спротивстави ЈО да го изведе ЛПР-извештајот како доказ на ЈО, но судијата се согласи доказот да биде изведен.

Обвинителката Стојковиќ Димитровска во врска со непоклопувањето на времето рече дека на снимките од кај Манев реалното време е еден час наназад, односно 00.13 реално е 23.13 часот, затоа што Манев не извршил промена од летно во зимско сметање на времето.

Таа изведе доказ дека времето на снимките од куќата на Манев треба да се смета еден част поназад.

– Го предлагам известувањето од системот „Безбеден град“ од ЛПР системот за следење таблици за возилото „рено кангу“ за периодот од 21.11.2023 година до 24.11.2023 година. Овој доказ е од значење, бидејќи според системот на МВР, „рено кангу“ е забележано во Скопје на 22.11.2023 после полноќ, во 00.15 часот и тоа е неспорен факт. Сепак, а во одговор на наводите на одбраната, ЈО укажува дека нема никаква спротивставеност меѓу сите изведени докази. На главната расправа беше изведен доказ од видеозаписот од куќата на Манев, каде се гледа дека на 22.11.2023 година во 00.13 часот „рено кангу“ е пред куќата, но времето на видеото кај Манев е еден час нанапред, а реалното време е еден час наназад. Логично е „рено кангу“ тргнало нешто после 23 часот и стигнало во посоченото време во Скопје – рече обвинителката.

Но, кога ги презентираа снимките на главното рочиште обвинителките не споменаа дека времето кое го презентираат, опишувајќи ги дејствијата што се гледаат, е еден час поназад од реалното. Тоа за прв пат беше споменато во распитот на обвинетиот Манев, кого го прашаа дали на серверот на камерите извршил промена од летно во зимско сметање на времето, а тој одговори „не“.

Како е мотивот користољубие, ако подготовките се за ликвидација?

Еден од клучните докази што ЈО ги изведе дури во дополнение на доказната постапка е што вечерта пред да биде извршен првиот обид за грабнување на Вања обвинетите се подготвувале за убиство, а не за грабнување. Доказ за тоа е што Манев ја заборавил лопатата, па се вратил да ја земе, а за грабнување не треба лопата.

– На снимката од 24 ноември 2023 година, во 4.29 часот, но реално време 3.29, се гледа како пред куќата на обвинетиот Манев стои обвинетиот Видевски и чека. Манев излегува од дворот на куќата со „рено кангу“ и во него влегува Видевски и се упатуваат кон Велес. Овој дел од снимката веќе беше изведен и прикажан на главната расправа, а она што не беше изведено е следново. Откако возилото замина во насока на Велес, на снимката се гледа како после една минута и нешто, во 3.32 часот „реното“ се враќа назад и застанува пред дворот. Обвинетито Манев излегува, се упатува кон куќата и за кратко време се враќа, во десната рака држи лопата и ја внесува во возилото. Ова е датумот 24.11.2023 година, кога е направен првиот обид за грабнување на детето Вања Ѓорчевска – рече обвинителката.

Во изјава за медиумите по рочиштето, обвинителката Стојковиќ Димитровска рече дека снимката е одговор на тврдењата на обвинетите дадени во нивните искази дека немале мотив да убиваат, туку само да грабнуваат луѓе.

– Тоа што тие дополнително се враќаат да ја земат лопатата укажува дека тие веќе биле подготвени за убиство што е спротивно на нивните искази дека сакале само да грабнуваат. Ова не е поврзано со вината на Александар Ѓорчевски, кој е обвинет за помагање во грабнувањето – рече Стојковиќ Димитровска.

Обвинителката Крстевска Јосифовска на прашањето кои се доказите дека мотивот е користољубие вака објасни:

– Апсолутно, во случајот се работи за користољубие. Од самиот почеток до извршувањето на делата обвинетите заедно се договарале и се координирале да ги преземат сите дејствија со цел да остварат користољубие. Со убиството на Вања се докажува дека сите заедно ги презеле дејствијата само заради таа причина. Причината за тоа што не е побаран каков било износ на парични средства или што било друго очигледно било во контекст на целта којашто сакале да ја остварат, а не дека нема користољубие во случајот – рече таа.

Нејзината колешка Стојковиќ-Димитровска, надоврзувајќи се, рече дека за мотивот дополнително ќе се изјаснат во завршните зборови.

Пиштолот не го најдоа, а не го бараат човекот што наводно го скрил

Јавната обвинителка Ана Стојковиќ Димитровска, прашана дали го бараат пиштолот со кој е извршено убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, рече дека тие имаат доволно докази кои ја докажуваат вината на сите обвинети. Потоа, прашана дали го бараат ликот кој обвинетиот Велибор Манев го посочи во својот исказ дека го „уништил пакетот“ со пиштолот и со моторолите, со оглед дека сè уште не го пронајдоа оружјето со кое е извршено убиството, обвинителката не даде јасен одговор.

– Ние во целата истражна постапка, а и додека трае судењето имаме преземено дополнителни дејствија, за да се утврдат сите факти и околности. За тоа што е дојдено со доказ кој може да има валидна вредност во судска постапка е предложен во судска постапка. Едно е да тврдиме, но ние сме обвинители и апсолутно ако немаме релевантен доказ, несериозно би било и за нас и за државата, да се произнесуваме со тврдења, паушални или било какви на главна расправа – одговори обвинителката.

Во дополнението на доказите на минатото рочиште обвинителката Жаклина Крстевска Јосифовска поднесе доказ, известување од ЈКП Дервен Велес дека обвинетиот Боре Видевски не бил на своето работно место на 22 и на 27 ноември 2023 година кога се извршени убиствата.

Таа поднесе доказ дека во МВР не е извршено пробно испукување од пиштолот што обвинетиот Боре Видевски го поседува со дозвола, а кој не беше пронајден за време на истрагата. Убиствата се извршени со пиштол со калибар од 9 милиметри, пиштолот на Видевски, „зброевка“, е со истиот калибар, но во истрагата оружјето не беше пронајдено.

– Ова беше од причина за да се види дали може да се направи споредба на оружјето кое го поседува Видевски со карактеристиките на пронајдената чаура, најдена на 3.12.2023 во местото Рудник, Велес, непосредно до местото каде е пронајден закопан оштетениот Панче Жежовски – рече таа.

Денеска по дополнувањето на доказите на Обвинителстото процесот ќе продолжи со дополнение на доказите на одбраната. Дополнение на доказите најавија бранителите на Палевски, Видески и на Ѓорчевски. Потоа следуваат завршните зборови, па изрекувањето на пресудата.

Фото: Приватна архива, Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски

Според обвинението, Палевски, Манев, Видевски и Кешишев на 22 ноември рано наутро го грабнале и го убиле велешанецот Жежоски за да му го земат возилото „цитроен“. Возилото им требало за грабнување на девојчето Вања, за која сакале да бараат откуп од близок член на семејството. По првиот неуспешен обид во петокот на 24 ноември, успале да ја грабнат во понеделникот на 27 ноември, ја ставиле во „цитроенот“ и ја однеле кај местото Бразда. Палевски бил со „рено кангу“. Тој веднаш ја убил Вања, затоа што ги фатило паника од тоа што девојчето веќе го бараат на социјалните мрежи. Ја закопале, а потоа во близина го запалиле „цитроенот“ на Жежоски, откако прво во возилото ги оставиле телефонот и клучевите на девојлето.

Поврзани содржини