Обвинителката Лиле Стефанова бара на Груевски да му се конфискуваат станови и плацеви на Водно и Крушево
Барањето на обвинителката за одземање на имот се однесува на три плаца на Водно, како и станови од 57 метри квадратни во вредност од 60.000 евра и 38 метри квадратни во вредност од 41.000 евра. Потоа, градежното земјиште со површина од 2.729 метри квадратни во вредност од над 7,3 милиони денари и две градежни парцели во Крушево во вредност од 795.424 денари.
Обвинителката за гонење организиран криминал и корупција Лиле Стефанова во воведните зборови на денешното прво рочиште за судскиот предмет „Плацеви на Водно“ каде првообвинет е поранешниот премиер Никола Груевски побара судот да му конфискува недвижен имот, односно станови и плацеви на Водно и во Крушево.
– Без никакво сомнение верувам дека ќе се утврди фактичката состојба во обвинението. Барам сите обвинети да бидат прогласени за виновни, и да биде конфискуван имотот – побара обвинителката Стефанова.
Барањето на обвинителката за одземање на имот се однесува на три плаца на Водно, како и станови од 57 метри квадратни во вредност од 60.000 евра и 38 метри квадратни во вредност од 41.000 евра. Потоа, градежното земјиште со површина од 2.729 метри квадратни во вредност од над 7,3 милиони денари и две градежни парцели во Крушево во вредност од 795.424 денари.
Груевски е обвинет дека од јуни 2006 до октомври 2012, како лидер на партијата наместо да ги прикаже како примени донации во ВМРО-ДПМНЕ, 1,3 милиони евра ги прибавил за себе, а потоа ги пуштал во оптек и преку компанија во Белизе и ги купувал парцелите. Станува збор за земјиште на кое имало шума, а кое со промените во Генералниот урбанистички план (ГУП) било пренаменето во градежно.
Во случајот „Плацеви на Водно” обвинети се шестмина за кои според Стефанова, постои основано сомнение дека сториле кривични дела перење пари и други приноси од казниво дело по чл. 273 ст.1 како и противправно стекнување и прикривање имот од чл. 359-1 ст. 1 од КЗ за еден од обвинетите.
Груевски, кој според обвинителката е краен сопственик на имотот ,е обвинет за делата перење пари и за противправно стекнување и прикривање на имот. Неговиот кум Ристо Новачевски, бизнисмените Ненад Јосифовиќ, Јордан Камчев и неговата мајка, Ратка Куновска Камчева се товарат за перење пари, а првиот братучед на Груевски и поранешен директор на УБК, Сашо Мијалков, е обвинет за помагање при кривичното дело ,,перење пари и други приноси од казниво дело.
– Новачевски знаел дека ова земјиште се купува за неговиот кумашин со нелегални средства. Сепак, тој потпишал и земјиштето било купено – рече Стефанова.
Таа во текот на своите воведни зборови потсети и на нелегално прислушуваните разговори, од кои, како што рече, се добива сосема поинаква слика за имотната состојба на поранешниот премиер.
– Груевски беше премиер повеќе од 10 гоини. Во целиот овој период тој негуваше статус на лице кое е безимотно, нема возило, има заштеда од плата и живее во станот на мајка си. Сепак, содржината на снимените разговори упатува на сосема друга слика, дека Груевски поседува имот кој го запишувал и пријавувал на туѓи имиња, а вклучени биле и фирми регистрирани за таа намена – рече обвинителката Стефанова.