ОБВИНИТЕЛИТЕ РЕАГИРААТ ДЕКА ТИЕ БИЛЕ СОВЕСНИ, А ПОЛИТИЧАРИТЕ ИМ ВРШЕЛЕ ПРИТИСОК „Ни го нарушуваат угледот и ја поткопуваат довербата“

Јавните обвинители ја извршуваат својата функција професионално, совесно и самостојно, и токму затоа е од особена важност да се обезбеди простор тие да ја вршат својата работа без притисоци, навреди или мешање од страна на политички или други центри на моќ, се вели во реакцијата од Здружението на јавните обвинители.

172

Здружението на јавните обвинители најостро реагира на недоличните и неаргументирани изјави на одредени политичари со кои директно се загрозува интегритетот и самостојноста на Јавното обвинителство и на правосудните институции воопшто, се вели во реакцијата на Здружението.

„Апелираме особено политичарите во предизборната реторика да се воздржат од неосновани напади со кои ја поткопуваат довербата во правосудните институции и го нарушуваат угледот на јавните обвинители. Јавното обвинителство е самостојна институција чија работа се темели исклучиво врз основа на Уставот, законите и материјалните докази. Ниту еден предмет не може и не смее да се води врз основа на политички притисоци или јавни прозивки, туку само врз основа на аргументирани факти и во рамките на законски пропишаните процедури“, соопшти Здружението на јавните обвинители.






Потсетуваме, се додава во реакцијата, дека секој што смета дека постојат елементи за кривично гонење, има право да поднесе соодветна пријава до надлежното обвинителство. Од Здружението тврдат дека пријавата ќе биде внимателно разгледана и процесуирана во согласност со доказите и законската рамка.

„Јавните обвинители ја извршуваат својата функција професионално, совесно и самостојно, и токму затоа е од особена важност да се обезбеди простор тие да ја вршат својата работа без притисоци, навреди или мешање од страна на политички или други центри на моќ“, се вели во реакцијата.

Јавното обвинителство деновиве често е прозивано од премиерот Христијан Мицкоски и функционери на ВМРО-ДПМНЕ кои инсистираат ЈО итно да го истражи предметот со следењето на Мицкоски, новинари и бизнисмени од страна на АНБ во времето кога тој беше лидер на опозицијата. Мицкоски минатата есен за првпат изнесе информации дека бил следен, а ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција отвори предмет. Цела година подоцна, за овој скандал ЈО не издаде наредба да се почне истрага, а предметот уште е во предистрага.

Исто така, функционери од актуелната власт со денови го прашуваат ЈО зошто не ги процесуира кривичните пријави за криминалното работење на функционерите од СДСМ и од ДУИ, од претходната влада. Од ВМРО-ДПМНЕ со денови го прашуваат Јавното обвинителство дали ги штити ексфункционерите на СДСМ и дали работи по нивен налог, штом со месеци не ги процесуираат овие пријави. Од партијата на власт, исто така, деновиве им порачаа на обвинителите дека и тие ќе одговараат ако продолжат да не работат и „да штитат криминалци“.

Поврзани содржини