ОБВИНИТЕЛИТЕ БАРААТ ДА СЕ ПОВЛЕЧЕ ПРЕДЛОГОТ ЗА ОГРАНИЧУВАЊЕ НА НИВНИТЕ ПЛАТИ Тврдат дека така се крши Законот за јавни обвинители
Предлог законот за изменување на коефициентите при пресметка на платите на јавните обвинители е ставен денеска на дневен ред на Собранието.
Здружението на јавни обвинители бара Собранието од денешната седница да ги повлече законските измени за платите на обвинителите, со кои се предложува изменување на коефициентите на начин што ќе се спречи натамошниот, како што се наведува во предлог-законот, „непропорционален раст на нивните плати“.
Здружението на јавни обвинители се повикува на Законот за платите на јавните обвинители, според кој, платата на обвинителот не може да биде намaлена со закон или одлука на државен орган, освен при утврдена дисциплинска одговорност.
„Јавните обвинители извршуваат сложена и одговорна работа и го носат товарот на кривичниот прогон и тоа без соодветни материјални услови и доволна стручна поддршка. Законски предвидените додатоци за сложеност на трудот со години наназад не им се исплаќаат поради недостиг на средства во Буџетот“, соопшти Здружението на јавни обвинители.
Обвинителите нагласуваат дека се свесни за сложената економска ситуација во државата и потребата од штедење, но посочуваат дека, со оглед на неспоивоста на обвинителската функција со друга дејност, платата е единствен приход на јавните обвинители, а таа, како што велат, е апсолутно најниска во регионот и се движи од минимални 90.000 до максимални 130.000 денари.
Од Здружението информираат дека Уставниот суд во декември лани покренал постапка за оценување на уставноста на последните измени на Законот за платите на јавните обвинители, со кои веќе се интервенираше со намалување на коефициентите и ограничување на порастот на платите.
„Иако конечната одлука на Уставен сѐ уште не е донесена, имаме обврска да укажеме на штетните правни последици доколку со ново законско решение дополнително се продлабочат оспорените недоследности. Оценката на уставноста на претходните законски измени се проверка на уставната усогласеност и на измените кои сега се предлагаат, бидејќи повторно при иста методологија на пресметка на плати, се намалуваат коефициентите со што всушност се влијае за намалување на платите“, велат од Здружението.