ОБВИНЕТИТЕ ВО ПРЕДМЕТОТ „КОЧАНИ“ ЌЕ СЕ ИЗЈАСНУВААТ ЗА ВИНА Со воведни зборови на одбраната продолжува судењето за пожарот во „Пулс“

За пожарот се обвинети 35 луѓе и 3 фирми за Тешки дела против општата сигурност, а времето на извршување на кривичното дело е од 2012 година до денот на пожарот во кој загинаа 63 луѓе, а над 210 беа повредени.

1

Со изјаснување на обвинетите за тоа дали се чувствуваат виновни или не се чувствуваат виновни по наводите на обвинителниот акт, денеска во големата судница на Кривичниот суд во Идризово треба да продолжи судењето за катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани од 16 март, во кој загинаа 63 луѓе, а над 210 беа повредени.

За пожарот се обвинети 35 луѓе и 3 фирми за Тешки дела против општата сигурност, а времето на извршување на кривичното дело е од 2012 година до денот на пожарот. Обвинети се сопствениците и управителите на дискотеката, лица од обезбедувањето, градежни инспектори, пазарни инспектори, градоначалници на Кочани, директори на ДЗС, поранешни министри за економија и службеници во министерството, дека сите заедно, со своето делување или неделување во годините наназад прекршиле низа безбедносни правила и стандарди, поради што пожарот во „Пулс“ имаше тешки последици.






Според досегашниот тек на постапката, не се очекува дека кој било од обвинетите ќе се произнесе дека е виновен за делото што му се става на товар.

По изјаснувањето на обвинетите, според Законот за кривичната постапка, ќе следува воведниот збор на одбраната. Се очекува прва да се обрати адвокатката Ивана Коцевска, бранителка на првообвинетиот сопственик на „Пулс“, Дејан Јовановски Деко. Коцевска му е бранителка и на третообвинетиот Михаил Јованов, син на Деко, кој бил менаџер на дискотеката.

Право на воведен говор имаат и сите обвинети, но доколку сакаат, не мора да го искористат.

Со оглед дека има многу бранители, над 40, според Законот за кривичната постапка судијката Диана Груевска Илиевска може да го ограничи нивното време за зборување. Сепак, се очекува дека воведните говори нема да завршат само на денешното рочиште, туку дека ќе продолжат и на следното, на 4 декември.

Минатото, второ рочиште помина со реакции на бранителите на интегрираниот обвинителен акт на Јавното обвинителство, кој беше промовиран на првото рочиште, откако Судот донесе одлука да се спои обвинението за последниот обвинет Алекандар Нацев, сопственик на агенцијата за обезбедување „Рубикон“, со првото обвинение во кое се опфатени 34-те обвинети. Бранителите реагираа дека се работи за целосно ново обвинение, а дел од нив побараа како такво повторно да оди на оценка.

Бранителите реагираа и дека обвинетите не го добиле интегрираното обвинение, на што судијката рече дека сметала дека бранителите ќе им го дадат. Но, откако адвокатите се изјаснија дека тие не се доставна служба на судот, судијката најави дека на сите обвинети ќе им го испрати на електронски адреси, а на оние што се во притвор ќе им го испрати на хартија. За да имаат време да го прочитаат новото, односно интегрираното обвинение, судијката ја отповика расправата што беше закажана за 26 ноември.

СМЕНЕТО ВРЕМЕ НА ДЕЈСТВИЕ, ИЗМЕНЕТИ ДОКАЗИ, ПРАКТИЧНО НОВО ОБВИНЕНИЕ Бранителите побараа ЈО да ги среди доказите, обвинетите го немаат новиот акт

Обвинителот Борче Јанев од ОЈО Кочани во воведниот збор на првото рочиште рече дека пожарот во „Пулс“ е резултат на синџир од замижувања на одговорните лица и на бескурпулозноста на газда Деко кој бил спремен на сè, само за да оствари профит.

СИНЏИР ОД ЗАМИЖУВАЊА ЈА ОВОЗМОЖИ ТРАГЕДИЈАТА ВО „ПУЛС“, РЕЧЕ ОБВИНИТЕЛОТ „Ќе слушнете на што сè бил спремен газдата Јовановски само заради профит“

Поврзани содржини