ОБВИНЕТИОТ БОРЕ ОТФРЛА СЕКАКВА ПОВРЗАНОСТ СО УБИСТВАТА НА ВАЊА И НА ПАНЧЕ Видевски негира сѐ, а досега не прикажа никакво алиби

Обвинетиот Видевски вели дека не знае каде му е пиштолот. Тој на 22.11.2023 во група на Месинџер во 18.59 часот ги известува вежбачите дека тренингот по карате во неговиот дом е откажан поради дефект со струја, а на 27.11.2023, кога е грабната и убиена Вања, во истата група пратил порака дека дефектот е решен и дека ќе имаат тренинг од 19 часот вечерта.

3,199

Обвинителката Жаклина Крстевска Јосифовска го испрашуваше обвинетиот Боре Видевски на денешното рочиште. Таа посочи дека на 3.12.2023 година кога Боре бил на распит во Обвинителството кој траел речиси 2 часа, тој воопшто не се пожалил дека има повреди, како што денеска кажа во судот.

– На вас не забележав повреда додека траеше испитувањето, а имавте и бранител кому не му се пожаливте дека имате некаква повреда. Така ли е? – праша обвинителката.






– Не се пожалив од страв од претходното тепање, кое, за жал, продолжи во затвор. Дополнително, немав доверба во адвокатот – рече Боре.

Тој и на 4.12.2023 пред судија на претходна постапка рекол дека се чувствува добро. Не побарал лекарска помош, како што вели од страв од физичко малтретирање.

– Вие се занимавате со карате? Основата на секој каратист е храброста, така? – праша обвинителката.

– На тоа не можам да ви дадам одговор со да или со не, затоа што немате познавање од карате. Инаку, и каратистите се луѓе со семејства, за кои потклекнуваат – рече Боре.

Обвинителката го праша дали се регистрира секој ден на работното место, а Боре рече дека не се регистрирал оти бил нов. Таа праша како го регистрираат во фирмата дека е на работа.

– Значи нема ниедно лице кое може да потврди дека тој ден сте биле на работа? – праша обвинителката.

– Ако потврдата не е доволна, не знам што е – рече Боре на што обвинителката додаде дека нема покажано потврда.

Таа го праша дали имал гости на славата и дали има други сведоци кои би сведочеле во негова корист.

– Не ги предложив, затоа што ќе ги прогласевте за пристрасни, оти ми се роднини. Никој не вели дека тие не сакаат, ниту некој им рекол да сведочат – рече Боре.

Видевски негираше дека на 21 ноември во вечерните часови со неговата „шкода фелиција“ бил пред куќата на Велибор Манев и дека на 24 ноември со „шкодата“ отишол кај Манев.

– Рековте дека на 26 ноември сте дошле во партијата Десна. Тоа е ден недела, што значи дека следниот ден понеделник е работен ден. Ќе се согласите ли дека немаше таква итност и неодложност на 26 ноември навечер во 22.30 дојдете во Скопје и да се задржите, па дури и да преспиете? – праша обвинителката.

– Не се согласувам – рече Боре, но не сакаше да каже кога друг пат дошол толку доцна во партијата.

Обвинителката го праша дали му била лоша финансиската состојба за време на настаните, што Боре негираше.

Видевски потврди дека од 28.11. до 3.12.2023 година бил само во Велес, дека немало итни и неодложни средби во партијата.

– Рековте дека тоа што комуницирате со мотороли пред куќата на Велибор е подготовка за потребите на партијата. Но, овие подготовки сте ги правеле во 2, 3 часот сабајле, со ракавици? – праша обвинителката.

– Не се согласувам, затоа што податоците на видеото се неточни – рече Боре.

– Сакате да кажете дека не сте вие на видеото? – праша обвинителката.

– Не. Сакам да кажам дека тие видеа не се од тоа време – рече Боре.

– Рековте дека додека ве тепале во полиција ви кажувале што треба да кажете за настанот. Значи и тоа дека инспекторите во детаљи ви кажуваа што се случило, кој во која кола се возел, кој ги совладувал, кој ги врзувал жртвите и на кој начин се убиени? – праша обвинителката.

– Полицијата, претпоставувам дека бев последен од испитуваните и буквално располагаа со сето тоа што вие го кажувате – рече Боре.

– Зошто тогаш ве тепаа? – праша обвинителката.

– Прашајте ги нив – рече Боре.

– Сѐ уште стоите на исказот дека ве тепале, за да ги кажете деталите за кои сега кажавте дека ги знаат – праша обвинителката.

– Не е точно. Тие ги знаеја деталите и низ физичкото малтретирање кажуваа сѐ – рече Боре.

– Значи, вие всушност при силно тепање ги запаметивте сите детали, не за едното, туку за двете кривични дела, за да можете истите да ги изложите ноќта пред ЈО? – праша обвинителката.

– Точно – рече Боре.

Обвинителката забележа дека Видевски во Обвинителство дал два различни исказа.

– Рековте дека на 22.11.2023 во 7 часот сте биле на работа. Може ли да ни објасните што бара вашето возило пред куќата на Велибор Манев во тоа време? – праша обвинителката.

– Бев на работа. Кажав за снимките дека не се точни – рече Боре.

– Денеска ни објаснивте дека на 26 ноември сте преспале во Десна бидејќи ви било доцна во 1 часот да се вратите во Велес, иако утредента е работен ден, а сепак, неколку дена претходно во 3 или 4 часот со другите сообвинети се наоѓате во Велес. Дали тогаш не ви беше доцна? – праша обвинителката.

– Не е точно тоа што го кажавте – рече Боре.

– Вие сакате да нѐ убедите дека немате никаква врска со кривично-правните настани, иако за вашето присуство на друго место немате алиби – праша обвинителката.

– Не е така. Не убедувам никото, кажувам како што е – рече Боре.

– Точно ли е дека обвинетиот Манев на 13.11.2023 година ви испратил фотографија од Панче Жежовски како стои до неговиот „цитроен“? – праша обвинителката.

– Мислам не – рече Боре.

– Анализата на вашиот телефон го покажува тоа – праша обвинителката.

– Не знам – рече Боре.

– Најчесто, рековте, со Палевски сте комуницирале преку Велибор. Точно ли е дека комунициравте на Месинџер со Палевски на 22, 24 и 25 ноември 2023 година? – праша обвинителката.

– Можно е, не се сеќавам – рече Боре.

– Во вашиот телефон постојат фотографии од мотороли – праша обвинителката.

– Не се сеќавам дека некој ми пратил такви фотографии – рече Боре.

– Зошто на 22.11.2023 во група на Месинџер во 18.59 часот ги известувате членовите дека тренингот е откажан поради дефект со струјата? – праша обвинителката.

– Не знам, можеби немало струја. На 22 вечерта бев на именден кај ќерката на братот на мојата сопруга – рече Боре.

– Рековте сте имале секојдневни активности, како го објаснувате фактот дека на 27.11.2023, кога е грабната и убиена Вања, во 14.02, во истата група за тренинг на Месинџер праќате порака со содржина „Дечки, дефектот е решен, вечерва имаме тренинг од 19 часот“ – праша обвинителката.

– Ете го одговорот, дефектот е решен – рече Боре.

– Точно ли е дека на 26.11.2023 вие доаѓате во Десна бидејќи ве повикал Палевски кој ве известил дека добил информација од таткото на девојчето дека тоа во понеделник ќе оди само на училиште и затоа е потребно во недела вечер да се состанете? – праша обвинителката.

– Дефинитивно не е точно. Таткото на девојчето не го познавам и во мојот живот ниеднаш го немам видено, освен тука – рече Боре.

– Од целото оружје што го поседувате, го нема само пиштолот со калибар од 9 мм? – праша обвинителката.

– Не поседувам арсенал. Пред многу години се купени пиштол и ловна пушка за да се искористи првилегијата во тоа време да се има оружје, кое ниеднаш не ми притребало за ништо. Освен ловната пушка, со која сум бил на лов. Имам аверзија кон оружје. Пиштолот што не е најден, многу одамна можеби е преместен, не е во куќата очигледно, ни јас не знам каде е. Но, тоа не значи дека јас сум направил нешто лошо – рече Боре.

– Значи ли тоа дека некој друг направил нешто лошо со тој пиштол? – праша обвинителката.

– Не знам, не можам да претпоставам – рече Боре.

Обвинителството предложи да се прочита исказот на Видевски даден на 4.12.2023 година.

Првообвинетиот Љупчо Палевски повторно побара изземање на обвинителите Жаклина Крстевска Јосифовска, Ана Стојковиќ Димитриевска и Гаврил Бубевски, за, како што рече, манипулирање, неговорење вистина пред судот и пред одбраната.

Тој повторно тврди дека Обвинителството крие 21 цеде со снимки од Сејф сити, во кои наводно се гледа дека таблицата SK-400-UI била во Скопје во 00.15 часот, односно дека „реното кангу“ било во Скопје, а не во Велес, на 22.11.2023 во 00.15 минути.

ПАРТИЈАТА ДЕСНА БИЛА ЗАГРИЖЕНА ДЕКА ЌЕ СЕ СМЕНЕЛО ИМЕТО НА МПЦ?! Обвинетиот Боре Видевски тврди дека дал изјави под присила

Поврзани содржини