ОБВИНЕНИЕ ЗА СУДИЈА ОД КАВАДАРЦИ, НАМЕРНО ИСПРАТИЛ ОСУДЕНИК ВО ПОГРЕШЕН ЗАТВОР Со „финти“ му ја одолговлекувал робијата, сега ќе одговара

Обвинетиот, во текот на 2024 година, додека извршувал функција судија за извршување санкции во Основниот суд во Кавадарци со умисла несовесно постапувал во предмет за извршување затворска казна за еден осуден на 3 години и 8 месеци затвор, кого наместо во затворот во Скопје, го испратил во затворот во Гевгелија.

301

Судија од Кавадарци „услужил“ осудено лице така што му го одолговлекувал затворот со разни „финти“ – ги одложувал решенијата, го испратил осуденикот во погрешен затвор. Сега е под обвинение од велешкото обвинителство за несовесно работење во службата.

„Обвинетиот, во текот на 2024 година, додека извршувал функција судија за извршување санкции во Основниот суд во Кавадарци со умисла несовесно постапувал во предмет за извршување затворска казна за еден осуден. Затворската казна од 3 години и 8 месеци била изречена со правосилна пресуда на Основниот суд во Гевгелија. Меѓутоа, обвинетиот судија, иако примил известување за пресудата на 5.4.2024 година, првиот пат упатниот акт го изготвил со задоцнување и осудениот го упатил на издржување на затворската казна во КПУ Гевгелија, наместо во КПУ Идризово – Скопје согласно висината на изречената казна“, соопшти Јавното обвинителство.






Потоа, се додава во соопштението, откако гевгелискиот затвор известил дека казната не може да се издржува во таа установа, судијата за секоја одлука што ја носел во предметот ги пробивал законските рокови.

„Тоа го правел до 4.6.2024 година кога добил известување дека осуденикот не се јавил на издржување на затворската казна во Идризово. Иако согласно закон бил должен во таква ситуација во рок од 24 часа да издаде наредба до МВР за приведување на осуденото лице, обвинетиот судија тоа го направил дури на 7.6.2024 година. По распишана централна потетница, осуденото лице било пронајдено и лишено од слобода и започнало да ја издржува затворската казна речиси една година подоцна, на 11.3.2025 година наместо во април 2024 година“, се вели во соопштението на Јавното обвинителство.

Поврзани содржини