ОБУКАТА Е ГОТОВА, СЛЕДУВА АНГАЖМАН НА ТЕРЕН Нови 352 пожарникари утре ќе потпишат договори за работа
Преку пилот-програмата за заштита од пожари и пошумување, 352 лица по успешна обука ќе бидат вклучени во јавни работи во партнерство со државата и општините.
На јавниот повик на Владата за активната мерка од Оперативниот план за 2025 година, јавни работи за заштита и превенција од пожари и оплеменување на животната средина на локално ниво (пошумување) како пилот мерка, се пријавиле вкупно 499 кандидати.
Од нив, 364 кандидати се појавиле на обуката, која беше спроведена во координација со Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) и територијалните противпожарни единици во градовите каде што се одвиваше обуката. Обуката вклучуваше дводневна теоретска и практична едукација за заштита од пожари, пошумување и интервенција при елементарни непогоди.
По завршувањето на обуката, 352 кандидати успешно ја завршија програмата и ќе продолжат со активности како дел од оваа важна државна мерка.
– Ова е првпат во нашата држава да се направи вака организирана и практично ориентирана мерка за превенција од пожари. Горди сме што овие луѓе ќе бидат наши партнери во заштитата на државата. Тие ќе имаат реална улога на терен, заедно со нашите служби – изјави директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Утре, сите 352 лица кои успешно ја завршија обуката ќе потпишат договор за работно ангажирање во рамки на мерката, со Агенцијата за вработување на Македонија, при што како партнери се вклучуваат и ДЗС и локалната самоуправа.
Посебна благодарност беше упатена до Црвениот крст, кој се вклучи во едукацијата и организацијата на кандидатите во сите градови низ државата.
View this post on Instagram