ОБРАЗОВАНИЕТО БЕШЕ ЕКСПЕРИМЕНТАЛЕН ТЕРЕН ЗА ХИРОВИТЕ НА ЦАРОВСКА Владејачката партија најавува зголемување на платите

Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека СДСМ ги довел наставниците до состојба на штрајк, без да ги уважи нивните барања за зголемување на платите, додека „политичката елита се богатеше“. Како посебно спорен период се посочува времето на поранешната министерка Мила Царовска.

320

Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ остро реагираше на изјавите на СДСМ во врска со образованието, истакнувајќи дека токму нивното владеење било период на, како што велат, „газење врз честа и достоинството“ на наставниот кадар и учениците.

„По 7 години власт на СДСМ и по газење врз честа и достоинството, образованието ги добива заслуженото внимание и приоритет од државата“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.






Владејачката партија истакна дека владеењето на СДСМ претставувало период на демотивација и деградација на просветниот кадар и експериментирање со образовниот систем без соодветна консултација со оние што се директно вклучени во процесот.

„Седум години власт на СДСМ, образованието беше претворено во експериментална алатка каде што се воведуваа разно разни нови програми и концепции по желба на властодршците, без да се прашаат учесниците во образовниот процес. Во текот на учебните години ниту наставниците ниту учениците имаа предвидливост, постојано им се наметнуваа нови обврски и задолженија кои беа неспроведливи во пракса“, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Партијата обвинува дека СДСМ ги довел наставниците до состојба на штрајк, без да ги уважи нивните барања за зголемување на платите, додека „политичката елита се богатеше“. Како посебно спорен период се посочува времето на поранешната министерка Мила Царовска.

„Помина времето на власт на СДСМ кога образованието беше алатка за поткусурување и експериментално поле за исполнување на некои лични хирови, како тие на Мила Царовска, која програмата од неговата невладина организација сакаше да ја имплементира во македонското образование“.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека со нивната влада, просветните работници конечно го добиваат заслуженото.

„Со Владата, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, просветните работници го добиваат заслуженото за својот вложен труд во образување на новите генерации“.

Партијата ја нагласува реализацијата на историски договор за зголемување на платите.

„Досега, платите на просветните работници, на наставниците и на професорите се зголемија за 12%, од кои 5% во октомври и 7% со исплата на платите во март“.

Како дел од стратешките цели, ВМРО-ДПМНЕ најавува и понатамошен раст на платите.

„Целта на Владата е да обезбеди долгорочна економска сигурност на вработените во училиштата и затоа се планира да се продолжи со растот на платите, така што до крајот на мандатот, во зависност од економската состојба, тие ќе пораснат од најмалку 46 до 60%“.

Во соопштението се истакнува и дека по повеќе од 20 години се донесени измени на Законот за средно образование, со кои се воведуваат низа новитети.

„Првпат се воведува кариерно советување, кариерен советник и координатор за практично образование, дигитални вештини, квалификации стекнати по завршување на средното образование“.

Оваа реакција на ВМРО-ДПМНЕ следува по објавата на СДСМ, опозициската партија, која обвини дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ „не исполнила ниедно ветување во образованието“ и дека се прават законски измени „во затворен круг во Белата палата, без вклученост на засегнатите страни“.

СДСМ истакна и дека „просветните работници се под политички притисок, а педагозите се исклучуваат од наставата“.

Во соопштението, СДСМ тврди и дека токму тие ги зголемиле платите за 56%, укинале екстерно тестирање, вовеле дуално образование, реконструирале училишта и изградиле спортски сали, обезбедиле стипендии и дигитализирале ресурси за македонскиот јазик.

СДСМ ја нарече министерката Весна Јаневска „аматер“, а нејзината работа „без визија“, барајќи таа „час поскоро да си оди“.

Поврзани содржини