Образот на уметноста, и на вистината

Како, и зошто, македонскиот уметник, и интелектуалец, мисли дека актуелните општествени прашања, па дури и оние од политиката, или културата како непосреден повод, не (треба да) го допираат односно тој треба да се дистанцира од нив? Дури и во врска со вакви (не)културни настани? Само заради тоа што и власта молчи односно Владата поддржува вакви „изложби“, коишто веќе утре ќе ги пријави во Брисел како наш напор за надминување на проблемите со источниот сосед?!

220

Како и што се покажува, па и доликува, моралниот и творечкиот код на поединци – во случајов  интелектуалци/уметници од обете страни на источната граница – сепак не дозволуваат лаги, примитивизам, манипулација со историјата, но и со уметноста. Од едната страна е гласот на сликарот Илија Пенушлиски, како реакција на импровизациите и инструментализацијата на уметноста во политикантски цели со т.н. изложба „Заедно“.

Колку и да беше таа реакција на Пенушлиски – барем за мене – очекувана,  за жал останува осамена. Другите македонски уметници, застапени своеволно или не, на „изложбата“, остануваат неми. Значи ли тоа дека се согласуваат со таа „травестија“, со таквиот малоумен „концепт“ наречен „Заедно“ (sic!) во новоотворениот Културен центар на Бугарија во Скопје?






Бев во дилема дали поименично да ги наведам сите тие кои така благонадежно прифаќаат со нив да манипулираат странски културни центри и домашни некултурни „куратори“ во нивна служба. Но, подобро – не, тие ни тоа не го завредуваат. Од друга страна, ни крив ни должен, на „изложбата“ е застапен и уметник кој, за жал, не е веќе меѓу живите. А знам и за него како ќе реагираше! Значи ли тоа дека културните центри и „кураторите“ што не разбираат подалеку од сопствениот нос можат така дрско да се изживуваат со нивните дела?

Од другата страна на границата, повторно еден писател – во случајов Стефан Цанев – отворено говори за историските „големи гревови“ на Бугарија кон Македонија, говори и дека „Има многу убиени. Сфаќате ли? Зборувам со многу болка (…) И можеби треба да се извиниме. Не знам како тоа да се случи“. Цанев говори – ние им отвораме изложби!

Се разбира, Цанев, за разлика од Пенушлиски кај нас, не е осамен односно не е ни прв ни последен кој на односите помеѓу двете земји гледа со дијаметрално различна оптика од бугарските власти. Како што и Пенушлиски гледа на онаа „изложба“ различно од официjaлната македонска (некултурна) политика и бараше неговото дело да биде тргнато од „изложбата“! И тие ли се должни да го спасуваат образот на уметноста и на вистината?

Не случајно ги спомнувам овие два примери на „различен говор“, на поинаков, автономен однос на интелектуалецот кон реалноста и/или политиката. Впрочем, уште Хорхаимер и Адорно посочуваа дека општеството и културата формираат еден историски тоталитет, таков каде што тежнението за слобода во општеството е неразделно од тежнението кон просветеност во културата! Зашто, всушност, говорејќи и за политиката, и за историјата, и за општеството…, ние говориме за културата и, во крајна линија, за – слободата.

И сега, тука, пак ќе повторам: одамна е очигледно дека оваа власт нема ни „п“ од почит кон чувствата на нејзините граѓани, уште помалку ѝ се важни слободата на поединецот, културата… и вистината како крајна цел. Иако беше очекувано оваа ЕУ интегративна „инфекција“ да го зафати целото општествено ткиво, следствено и културата (во потесна смисла), неочекувано е тоа да се прави на ваков недостоинствен начин што предизвикува револт.

Па нека е и кај поединецот, како Пенушлиски, кој само навидум е осамен. Како што и зборот на Цанев и на многумина други негови колеги сепак одекнува во јавноста во Бугарија.

И дали тука, сега, можеме да повлекуваме паралела помеѓу Македонија и Бугарија за свеста на поединецот за вистината и за слободата на говорот? Што, во случајов, но и ретроспективно прилично зачудувачки, оди во полза на источниот сосед според „количеството“ квалификувани одгласи на темата „македонско прашање“!?

Како, и зошто, македонскиот уметник, и интелектуалец, мисли дека актуелните општествени прашања, па дури и оние од политиката, или културата како непосреден повод, не (треба да) го допираат односно тој треба да се дистанцира од нив? Дури и во врска со вакви (не)културни настани? Само заради тоа што и власта молчи односно Владата поддржува вакви „изложби“, коишто веќе утре ќе ги пријави во Брисел како наш напор за надминување на проблемите со источниот сосед?!

Или, прашањето може да се постави и во обратна насока: што би се случило/случувало во македонската политика, особено во овој процес на евроинтеграција и сите последователни збиднувања, доколку поголемиот дел од македонската интелектуална јавност реагира унисоно, дури и контра политиките на власта? Не знаеме, не можеме дури ни да шпекулираме, иако има некои неодамнешни репери коишто упатуваат дека на македонската власт нема баш да ѝ биде сеедно. Како што не ѝ е ни на бугарската со онакви изјави на дел од бугарските интелектуалци.

Но, тука повторно доаѓаме до спомнатите Хорхаимер и Адорно, кои посочуваа(т) дека во современите општества, многу често, јавноста е безмалу неизлечиво заробена од страна на коруптивната култура што ја соголува од нејзината автономност и индивидуалност! Тоа ли е вистинската дијагноза и за македонската јавност – посебно интелектуалната односно културната, зашто медиумската одамна е сместена во тој „кафез“ – особено изразена последниве петнаесетина години, а којашто македонската политика настојчиво ја сокрива „под тепих“?

Речиси и да нема сомнеж, како што нема сомнеж (во што само пред неколку дена нѐ увери и евроамбасадорот Гир) и во фактот дека оваа власт длабоко зацапала во изодените патеки на нивните претходници дури и во коруптивната медиумска „политика“ (која што така жестоко ја критикуваше во времето на „груевизмот“).

Следствено, критичката мисла, дури и за најсензитивните општествени нешта, не смее да биде сопрена заради некаков имагинарен „прогрес“, па дури ни пред такви (наводни) историски „трендови“ како што е процесот на евроинтеграциите. Ако тоа се случи – како што се случува – ние најмалку ќе имаме право, и доблест, да се нарекуваме демократско општество/држава. Ако слободата на говорот и другите основни човекови права отидат во парампарче – како што веќе ни се случува во многу ситуации – а битката за нив легне само врз грбот на поединци, процесот на дополнителна демократизација на општеството ќе стане контрапродуктивен и реверзибилен.

И на крајот, ќе го снема! А тоа не е само бегло предвидување туку веќе се претвора и во наша реалност, сакале ние тоа да го признаеме или не.

Поврзани содржини