ОБРАДОВИЌ Е СОН KOJ ЌЕ ГО ПРЕОБРАТИ ПАОК? Солун подготвува кошаркарско будење под водство на познат милијардер
Желбата на Мистакидис е Обрадовиќ да седне на клупата на ПАОК, потег што грчките медиуми го опишуваат како „сон што може да го промени лицето на грчката кошарка“.
Новиот сопственик на ПАОК, грчкиот милијардер Аристотелис Мистакидис, ја отвора најамбициозната ера во модерната историја на клубот. Со инвестиција од 12 милиони евра и јасен план за враќање на славата, тој сака Солун повторно да стане центар на европската кошарка, и тоа под водство на легендарниот тренер Жељко Обрадовиќ.
Обрадовиќ кој неодамна си замина од српски Партизан, и покрај негодувањата на фановите и на српската спортска јавноста, се чини дека влегува во нова етапа од кариерата.
Мистакидис со капитал и визија
Бизнисменот Мистакидис, кој поседува 60,8 % од акциите на ПАОК, започна сериозна реконструкција на клубот, од управата и инфраструктурата до создавање тим способен за настап во Евролигата. Тој веќе го зголеми акционерскиот капитал со највисока поединечна инвестиција во историјата на клубот.
Желбата на Мистакидис е Обрадовиќ да седне на клупата на ПАОК, потег што грчките медиуми го опишуваат како „сон што може да го промени лицето на грчката кошарка“.
Кој е човекот зад проектот?
Роден во Рим во 1962 година, со солунско потекло, Мистакидис е втор најбогат Грк по Филипос Ниархос и тежи повеќе од 3 милијарди долари. Богатството го стекнал преку компаниите „Cargill“, „Marc Rich & Co“ и особено „Glencore“, каде во 2011 година стана милијардер по излегувањето на компанијата на берза.
Познат по својата дискретност, живее во швајцарскиот град Бар, поседува имоти во Лондон и Париз и луксузна еко-вила на Халкидики. Сепак, неговата најголема страст отсекогаш била ПАОК — клубот кој сега сака да го врати на врвот на Европа.
Новата ера на црно-белите
Со јасна стратегија и силен финансиски импулс, Мистакидис создава атмосфера на надеж во Солун. Навивачите веруваат дека овој пат проектот не е празно ветување, туку почеток на долгорочен препород. ПАОК, кој во последните години беше во сенка на Панатинаикос и Олимпијакос, повторно гледа кон европската сцена.