ОБНОВЕНО За велосипед огромен ред (ФОТО)
За оваа намена од Буџетот се обезбедени 10 милиони денари од кои 8,5 милиони ќе бидат наменети за велосипеди, а 1,5 милиони денари за електрични тротинети.
Редица од луѓе на соодветно растојание и со заштитна опрема можеше да се забележи денеска пред „Барака 16“, а кои сакаа да поднесат барања за доделување на субвенции од Град Скопје за купени велосипеди или електрични тротинети.
Како што можеше да се забележи на лице место, интересот на граѓаните коишто набавиле велосипед или електричен тротинет е многу голем, додека редари го одржуваа редот и физичкото растојание меѓу граѓаните кои ги почитуваат препорачаните мерки за лична заштита и носат маски.
– За оваа намена од Буџетот се обезбедени 10 милиони денари од кои 8,5 милиони ќе бидат наменети за велосипеди, а 1,5 милиони денари за електрични тротинети. Пари ќе има за субвенции за околу 2.800 велосипеди и околу 215 електрични тротинети. Субвенции ќе се доделуваа на сите оние кои ќе ја имаат потребната документација, а истите ќе важат по принципот „прв дојден, прв услужен“ – велат од Град Скопје.
Од Град Скопје информираат дека за само еден ден од објавувањето на јавните повици за доделување субвенции за набавка на велосипеди и електрични тротинети во Град Скопје се поднесени 696 барања од граѓаните за субвенции за купен велосипед и 91 барање за субвенции за купен тротинет, информира Град Скопје.
Средствата што Градот Скопје ќе ги субвенционира се во износ од 50 отсто од вредноста на велосипедот, но не повеќе од 3.000 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход, и 30 отсто од вредноста на електричниот тротинет, но не повеќе од 7.000,00 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход.