ОБНОВЕНО Софија го испорача Игор Спасов, веќе е во затворот Идризово
Игор Спасов бил приведен по пријава за семејно насилство во Софија, по што бугарската полиција утврдила дека тој е баран од Интерпол.
Поранешниот припадник на специјаните единици при МВР, Игор Спасов, од денеска ќе продолжи да ја одлежува казната затвор во КПУ Идризово, каде е донесен попладнево од Софија.
Бугарските органи позитивно одговорија на барањето за екстрадиција на Игор Спасов, соопшти денеска Министерството за правда.
„По барањето на Министерството за правда до бугарските органи за екстрадиција на лицето Игор Спасов назад во Северна Македонија, на 26.02.2021 Градскиот суд во Софија, донесе одлука да дозволи негова итна екстрадиција назад во земјата“, соопшти Правда.
Барањето за екстрадиција на 10.02.2021 го потпиша министерот за правда Бојан Маричиќ.
Игор Спасов бил приведен по пријава за семејно насилство во Софија, по што бугарската полиција утврдила дека тој е баран од Интерпол. Спасов влегол во Бугарија од Турција пред извесно време.
МВР распиша меѓународна потерница за Спасов на крајот на октомври 2019 година откако тој не се врати во затворот по завршување на лекувањето. Тој се бара за доиздржување на казна затвор од седум години и три месеци, стои на веб страницата на нашето МВР.