(ОБНОВЕНО) САМО СО АКТ ДЕКА СЕ ШТЕТНИ ЗА ОКОЛИНАТА МОЖЕ ДА СЕ СПРЕЧАТ РУДНИЦИТЕ Бектеши тврди дека никој не бил доведен во заблуда за концесиите за Иловица-Штука
Министерството за економија ниту некого излажало, ниту измамило, ниту ставило некого во заблуда, рече денеска министерот за економија Крешник Бектеши на прес-конференција во врска со концесиите за рудникот „Иловица-Штука“.
Според него, не се работи за една, туку за две концесии.
– Можам слободно да потврдам, а очекувам тоа да го потврдат и другите колеги, дека Министерството за економија ниту некого излажало, ниту измамило, ниту ставило некого во заблуда. Како што најавивме на брифингот, ние сме доставиле само хронологија на настаните и што е одлучено од 2005 година до денеска во делот на Предлог-одлуката за спојување. Истата информација беше на седницата на Владата, не е сменето ни образложението, ни информацијата, но ова е политичка Влада и во одредени моменти се носат и политички одлуки – истакна Бектеши.
Бектеши на прес-конференцијата во Владата детално информира за сите управни и судски постапки, заклучоци и одлуки поврзани со рудникот.
Акт кој ќе покаже дека рудникот ја уништува животната средина може да го спречи отворањето на рудниците и токму таков документ може да ги спречи рудниците, а на земјата да не ѝ се закани нова арбитражна постапка, смета министерот Бектеши.
– Министерството за економија мисли дека најдобра опција, имајќи предвид дека се повикуваме на заштита на животна средина, е да се донесе акт во кој ќе се утврди дека одредена потенцијална инвестиција е спротивна на стандардите за заштита на животна средина. Откако ќе се донесе тој акт и ќе се одбие или нема да се донесе решение за заштита на животната средина, утредента, Министерството за економија ќе достави предлог за едностран раскин на договор. Но да се дава простор да не се носи никаква одлука, да не постапуваат институциите, мислиме и сме на ставот дека сме на голем ризик за голема арбитражна постапка. Ова е наш став пред Владата, новинарите, граѓаните – рече министерот Бектеши.
Главен аргумент, речиси на сите институции, па и на владините, од 2016 до денеска е дека оваа потенцијална инвестиција е спротивна на прописите за заштита на животната средина.
– А ние не поседуваме никаков акт како Министерство за економија дека е одбиено некое решение, некој елаборат во последните 15 години, за конкретниот случај, во делот на заштитата на животна средина. И врз основа на кој акт, Министерството за економија ќе донесе предлог-одлука да го раскине договорот со инвеститорот? Имаме лепеза од можности за да имаме таков акт. Може да биде од Министерство за земјоделие или Министерство за транспорт и врски, затоа што ќе се сечат шуми и така натаму – рече министерот Бектеши.
Министерот најпрво им се извини на новинарите за вчерашното одложување на прес-конференцијата. Рече дека причина за тоа била долгата и конструктивна дебата на владината седница, поради што Министерството за економија било принудено да ја одложи прес-конференцијата.