(ОБНОВЕНО) НАПАЃАЧОТ НА БИСЛИМОСКИ ДОБИ КРИВИЧНА Признал дека го удрил и го влечел претседателот на Регулаторна
Бислимоски го пријавил случајот во полиција, а како што може да се види на објавената снимка, Џафери неколку пати го удрил и го влечел Бислимоски, по што лица од придружбата на Џафери успеале да го оттргнат и да заминат.
Аријанит Џафери, кој синоќа физички го нападна претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски, доби кривична пријава за насилство, соопшти Министерството за внатрешни работи, кое го расчистило случајот.
„Во врска со случајот кој синоќа, околу полноќ, во СВР Скопје го пријави М.Б. (45) од Скопје дека на тераса од угостителски објект на подрачјето на Центар бил физички нападнат од А.Џ.(28) од Скопје, ја известуваме јавноста дека случајот е целосно расчистен и против А.Џ. ќе биде изготвена кривична пријава за кривично дело насилство по член 386 од Кривичниот законик. Веднаш по пријавувањето на настанот, преземени се соодветни мерки за расчистување, односно изготвено е писмено известување до ОЈО Скопје, извршени се разговори со сведоци на настанот, обезбедена е видео снимка, извршен е разговор со пријавениот А.Џ., кој во целост го призна делото, и по консултација со јавен обвинител ќе биде изготвена кривична пријава за кривично дело насилство по член 386 од КЗ“, се наведува во соопштението од МВР.
Аријанит Џафери, син на поранешниот функционер на ДУИ Муса Џафери и сопственик на компанијата за снабдување со електрична енергија „У Пауер“, синоќа физички го нападнал претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Бислимоски. Нападот го прекинала придружбата на Џафери, а за него потврдуваат сведоци на настанот, како и видео снимка која ја објави Дојче веле.
Бислимоски го пријавил случајот во полиција. Како што може да се види на снимката, Џафери неколку пати го удрил и го влечел Бислимоски, по што лица од придружбата на Џафери успеале да го оттргнат и да заминат.
Причина за нападот најверојатно е постапката што ја води Регулаторната комисија за енергетика за одземање на лиценцата за снабдување со електрична енергија на фирмата „У Пауер“. Регулаторната комисија ја почна постапката по пријавата од МЕПСО дека фирмата „У Пауер“ ја нарушува стабилноста на системот за електрична енергија и неоправдано троши резерви на струја за сопствен профит.