Обвинителството нема да отвори истрага против Ангеловска, повлекла свои пари од „Еуростандард банка“
Обвинителството не отворило предмет за министерката за финансии Нина Ангеловска поради повлекувањето на парите од „Еуростандард банка“ пред нејзиното згаснување , јави ТВ 24.
Од Обвинителството, како што вели ТВ 24, објасниле дека постапуваат само ако се утврдени елементи на кривично дело, а повлекување на пари не е тоа, затоа што парите се на сопственикот.
Петар Гошев, екс гувернер на Народната банка и поранешен министер за финансии, во интервју за ТВ 24 изјави дека Ангеловска како член на Комитетот за финансиска стабилност имала увид во состојбата во финансискиот сектор во државата, а со тоа и увид што се случува во банкарскиот систем.
„Ако нема кривично дело врз основа на закон, во секој случај овде има голем, голем етички проблем од страна на министерката“, изјави Гошев.