🎥 ОБИЛНИ ВРНЕЖИ И ПОПЛАВИ ВО ПИРИНСКА МАКЕДОНИЈА Сандански и Петрич прогласија вонредна состојба

Спасувачки екипи се на терен за да ја контролираат ситуацијата. Затворен е патот од Петрич кон селото Митино, поради тоа што е поплавен.

310

Поплавени улици, мостови и подруми во општините Сандански и Петрич, поради обилниот дожд кој паѓа од синоќа во Југозападна Бугарија, ги принуди овие две општини да прогласат вонредна состојба. На места паднатите количества дожд се од 20 до 80 литри на квадратен метар.
– Најтешка е положбата во селата околу Сандaнски – Лешница, Леуново, Склаве, Лилјаново, Ново Делчево и Џигурово – изјави градоначалникот на општината Атанас Стојанов, цитиран од БТА и БНР.

Според него, пријавени биле поплави на многу места и во градот Сандански, и во населените места. Силниот дожд создава проблеми и на берзата за зеленчук крај селото Крналово.
Поради свлечишта, сообраќајот на 151 км долгиот автопат „Струма“ во правец на Софија се одвива по заобиколувачката лента.






– Воведено е ограничување на брзината од 60 км/ч. Сообраќајот се регулира од тим на сообраќајната полиција. Возачите треба да се движат со зголемено внимание.
Спасувачки екипи се на терен за да ја контролираат ситуацијата. Затворен е патот од Петрич кон селото Митино, поради тоа што е поплавен.
Градоначалникот на Сандански потврди дека е вонредна ситуацијата на влезот на градот, каде водата поплави неколку мостови, а едно семејство се најде во тешка ситуација со својот автомобил. Екипи на противпожарната служба и багер успеаја да го извлечат семејството и автомобилот на безбедно место.

– Правиме сѐ што е можно за да одговориме на секоја пријава преку Противпожарната служба и преку екипите на општина Сандански. Ситуацијата е динамична, сложена и тешка – додаде Атанас Стојанов.
Крај селото Ново Делчево има заглавени автомобили поради огромна бара на еден од излезите на населеното место. Екипи на полицијата советуваа возачите дека преминуваат на сопствен ризик и дека треба да побараат друг пат. Слична е ситуацијата и на другите излези на селото, кои се блокирани од надојдената вода.

EPA/VASSIL DONEV

За денес, Националниот институт за метеорологија и хидрологија при БАН издаде предупредување за обилни врнежи во неколку региони во земјата.
За Хасково, Крџали, Пазарџик, Смолјан, Ќустендил и Благоевград е објавен портокалов аларм, а за други девет области и градот Софија алармот е жолт. За трите општини во Благоевградскиот регион – Петрич, Сандански и Струмјани – алармот за обилни врнежи е црвен.

Поврзани содржини