Обезните граѓани бараат приоритет при вакцинирање, ама прво ќе се боцнат ризичните над 70 години (ТАБЕЛИ)

Во февруари нема да има масовни вакцинации туку прецизно организиран процес на вакцинација, односно ќе се спроведе првата фаза од Националната стратегија за ковид имунизација.

2,212

Министерството за здравство од овој месец очекува сукцесивна испорака на дози вакцини против ковид-19 од производителите „Фајзер“ и „Синофарм“.

– Распоредот на Ковакс механзимот со прецизни достави по количини и рокови го очекуваме по што ќе излеземе со детали во јавноста. Во февруари нема да има масовни вакцинации туку прецизно организиран процес на вакцинација, односно ќе ја спроведеме првата фаза од Националната стратегија за ковид имунизација – велат од Министерството за здравство за Плусинфо, но не прецизираа на која дата ќе стасаат првите вакцини во земјава и кога ќе почне вакцинирањето.






Граѓани кои имаат проблем со дебелина и со други хронични болести, кои се ризик фактор за смртен исход при зараза со вирусот ковид-19, се заинтересирани да дознаат дали ќе бидат ставени на приоритетната листа за вакцинирање. Од Министерството за здравство велат дека заедно со Националната работна група за вакцинација подготвиле Национална стратегија по која ќе се одвива претстојната имунизација во земјава. Таа ќе се одвива во три фази, во кои, како што велат, се утврдени граѓаните со приоритет на итност.

– Конкретно за групата на граѓани за која прашувате, истите се предвидени во првата фаза во која ќе спаѓаат здравствените работници кои се изложени на директен ризик од инфекција, односно имаат директен контакт со ковид позитивни пациенти, како и постари возрасни лица со висок ризик да развијат болест, компликации и смртен исход, дефинирани со ризик врз основа на возраст и лица постари од 70 години – велат од Здравство.

Во втората фаза, предвидено е да се вакцинираат групите на постари возрасни лица со висок ризик да развијат болест, компликации и смртен исход кои не се опфатени во првата фаза, лица на возраст од 65 години и постари. Во планот за вакцинација, опфатени се и лицата на возраст од 20 до 65 години со коморбидитети или здравствени состојби детерминирани како значително висок ризик за стекнување на тешка болест, компликации или смртен исход во која припаѓаат и здравствени работници со умерен ризик да стекнат и пренесат инфекција, вработени во витални институции за нормално функционирање на општеството, како и вработени во образовни институции вклучени во настава со физичко присуство и вработени во детски градинки. Во прилог ви го испраќаме националниот план за имунизација каде се наведени приоритетни и субприоритетни групи за имунизација.

Од Министерството не одговорија дали земјава е во процес на набавка и на руската вакцина „Спутник V“.

Сите несакани последици по имунизацијата со вакцината против ковид-19 треба да се пријават во Агенцијата за лекови и медицински средства МАЛМЕД. Пријавувањето на несакани реакции од примената на вакцината против ковид-19 е законска обврска на здравствените работници и на пациентите. Пријавувањето се врши електронски на образец што е објавен на веб страницата на Агенцијата https://malmed.gov.mk/пријави-за-лекови-имед-средства/ или во пишана форма преку писарницата на Агенцијата, како и до ЈЗУ Институт за јавно здравје. Агенцијата ги собира, обработува и проследува несаканите реакции кои се пријавуваат од здравствените работници, производителите на лекови и носителите на одобренија и пациенти

На прашањето дали и во лабораторијата на МАНУ веќе е секвенциониран британскиот сој на коронавирусот од Здравство велат:

– Анализи за секвенционирање на британскиот сој траат најмалку една недела. Во текот на викеднов МАНУ дополнително земаше брисеви од здравствените работници на Клиниката за нефрологија за да се извршат анализи, а дополнително ќе се секвенционираат брисеви од други градови од државата за да се утврди мутација.

Поврзани содржини