ОБЕЗБЕДУВАЧИТЕ СПАСИЈА МНОГУМИНА, ВЕЧНО СУМ ИМ БЛАГОДАРНА Сведочеше девојка која го преживеала пеколот во „Пулс“

На прашање дали го забележала моментот кога настанал пожарот, Мартина Ристевска рече дека го слушнала пејачот како им кажува дека плафонот гори, да излезат, па ќе се вратат пак. Додаде дека има снимено видео од почетокот на пожарот, ама не забележала, затоа што ги снимала пејачите од ДНК.

116

Обезбедувачите во дискотеката „Пулс“ го жртвуваа своето здравје за да спасат што повеќе животи и јас засекогаш сум им благодарна, како и на сите други што беа спасени таа вечер. Без нивната акција ќе имаше многу повеќе жртви, рече во своето денешно сведочење 21-годишната Мартина Ристевска, која кобната вечер била во дискотеката „Пулс“ во Кочани, каде во пожар загинаа повеќе од 60 луѓе, а повеќе од 200 беа повредени.

Ристевска рече дека повеќе години, од 2021 година, била чест гостин во дискотеката „Пулс“, а била присутна и вечерта кога се случи пожарот на 16 март 2025 година.






Во „Пулс“ дошла околу 2:15 часот, со две другарки. На влезот имало лица од обезбедувањето кои ги провериле билетите, биле облечени во униформа за обезбедување, со ознака „секјурити“. Кога влегле, застанале на масите во средината.

На прашање од обвинителот Борче Јанев дали го забележала моментот кога настанал пожарот, рече дека го слушнала пејачот како им кажува дека плафонот гори, да излезат, па ќе се вратат пак. Таа додаде дека има снимено видео од почетокот на пожарот, ама не забележала, затоа што ги снимала пејачите од ДНК.

– Настана голема гужва, не се ни сеќавам како стигнав до вратата. Надвор беа Лазо и Столе и ми подадоа рака. Имаше многу луѓе паднати врз мене, ме извлекоа, па извлекуваа и други. Ме тргнаа настрана. Се најдов со двете другарки, и тие беа сигурни, па почнавме да помагаме на другите, да носиме вода и да се јавуваме на телефони, да кажеме што се случило. Членовите на обезбедувањето видов дека помагаат на сите, иако беа во многу лоша состојба. Видов дека повраќаат црно, ама ставаа маица преку устата и носот и пак одеа да извлекуваат луѓе. А беа навистина во многу лоша состојба – рече Ристевска.

Таа била таму сѐ додека не се испразнила дискотеката.

– Отидовме кон болницата. Таму и обезбедувачите, ама и сите други помагаа. Сите што бевме таму помагавме, качувавме лица во коли, ги симнувавме… – рече таа.

Обвинителот праша дали таа вечер и претходно забележала измени во внатрешноста на дискотеката во однос на порано.

– Разликата ја забележав после реновирањето. Претходно имаше сепариња на втор кат, по нив се качуваше по скали, а по реновирањето ги немаше. Не сум забележала други разлики – рече сведокот.

На прашање дали имало малолетници во дискотеката, рече дека мисли дека имало, ама не може да каже со сигурност.

Адвокат од одбраната праша дали на видеото што го снимила се гледа како настанал пожарот.

– Јас ја снимав песната пред да се запали плафонот, а на дел од видеото се гледа како се пали, мал жар на плафонот. Јас тоа не го ни забележав, не го снимав самиот пожар, ја снимав песната за да ја ставам на Инстаграм. Дури следниот ден кога го гледав видеото го забележав почетокот на пожарот, ама не и вечерта кога е снимено видеото – рече сведокот.

Адвокатот Петре Шилегов праша дали во дискотеката го видела неговиот клиент, Шефкет Хазари. Девојката негираше и рече дека прв пат го гледа.

Адвокат ја праша дали после реновирањето дискотеката однадвор останала иста, таа одговори дека не може да каже затоа што никогаш не обрнувала внимание на надворешниот изглед на објектот.

Бранителот на сопственикот на агенцијата за обезбедување „Рубикон“ ја праша да објасни што видела следниот ден на видеото, од што потекнал пламенот.

– Имаше три прскалки на бината, мислам дека почна да гори над последната прскалка, која беше од лева страна, гледано од влезот – рече таа.

Адвокатот ја праша дали од нејзиниот исказ за почетокот на пожарот и за спасувачите Лазо и Столе, може да заклучи дека обезбедувачите спасувале, а членовите на ДНК ја запалиле дискотеката.

– Јас не можам да кажам кој ја запали и дали некој намерно ја запали – рече таа.

Адвокатот ја праша дали, ако не биле вклучени прскалките, ќе немало пожар, на што јавниот обвинител даде приговор и не го дозволи прашањето, затоа што од сведокот се бара мислење и претпоставка.

Друг адвокат на обезбедувањето ја праша Мартина дали однесувањето на обезбедувањето по настанувањето на пожарот всушност било спасувачка акција.

– Според мене, да. Го жртвуваа своето здравје за да спасат повеќе животи и јас засекогаш им сум благодарна. А и другите што ги спасија им се благодарни. Ќе имаше многу повеќе жртви ако не беа тие – рече девојката.

Друг адвокат ја праша во врска со снимката на која се гледаат прскалки и жарење на плафонот дали сосема случајно го снимиле моментот кога прскалките го палат плафонот.

– Да, сосема случајно – рече сведокот.

Адвокатот Ванчо Шехтански рече дека Мартина кажала многу битна работа, дека имало три прскалки, а последната од левата страна почнала да гори.

– Не почна таа сама по себе да гори, реков дека поради неа настана пожарот. Тие беа активирани во ист момент, таа од лево го предизвика пожарот, а не реков дека се запалиле прскалките – рече таа.

Поврзани содржини