ОБЈЕКТОТ ЗА КОЈ Е ОСУДЕН ЈАКИМОВСКИ БИЛ ЛЕГАЛИЗИРАН ОД ТОШКОВСКИ КОГА БИЛ АДВОКАТ Стевчо вели дека некој погрешно го чита законот
Според Јакимовски, пресудата е политичка и ништо повеќе, а кога е во прашање струката, адвокатот Тошковски совесно си ја завршил својата работа бидејќи објектот имал право на легализација.
Легализацијата на еден од објектите за кој бев осуден, ја водел како полномошник, адвокат Панче Тошковски, човекот кој заедно со Миле Јанакиевски беше дел од тимот што го изготвуваа законот за легализација, изјави денеска градоначалникот на Карпош Стевчо Јакимовски на прес конференција на која презентираше нови докази за кои вели дека ја потврдуваат неговата невиност во осудителната пресуда.
– Овие докази се однесуваат на постапката водена за легализација на четирите објекти кои се наоѓаат покрај Илинденска. Што е интересно? Интересно е што легализацијата на еден од овие објекти ја водел како полномошник адвокат Панче Тошковски. Урбанистичката согласност ја подигнал адвокат Панче Тошковски, а на пресметката на комуналиите потпишан е Александар Јанакиевски. Тој е сега раководител на сектор за урбанизам во Гази Баба. Претходно бил раководител на сектор за урбанизам во Град Скопје, а претходно раководител за урбанизам во општина Центар. Господинот адвокат, сега министер Панче Тошковски, не го потенцирам за да го инкриминирам, напротив. Сакам да кажам дека господинот Тошковски ја познава оваа материја одлично – рече Јакимовски.
Тој додаде дека Тошковски не би поднел барање за легализација како полномошник на сопственикот на ДОТ Мебел, ако не е сигурен дека објектот има право на тоа.
– И она што е уште најинтересно, полномошникот Панче Тошковски до нас има доставено изјава заверена на нотар од страна на сопственикот на објектот дека објектот го поседува повеќе од 20 години и дека, потенцирам, објектот е дивоградба! Значи сега имаме мртва трка меѓу оној што го чита законот и оној што го правел законот. И сега треба да погодиме отприлика кој подобро ја познава оваа материја – рече Јакимовски.
Според него, тоа е уште еден доказ дека пресудата е политичка и ништо повеќе и дека кога е во прашање струката адвокатот Тошковски совесно си ја завршил својата работа бидејќи објектот имал право на легализација.