ОБЈАВЕТЕ ОГЛАС ЗА ДЕЖУРСТВА ВО КОВИД-АМБУЛАНТИТЕ Приватните лекари бараат договори за ангажирање со јаснo дефинирани плати и надоместоци
Матичните лекари бараат во Договорот за соработка по огласот јасно да се дефинира платата, надоместокот кој ќе се добива за ангажманот во ковид амбулантата и предлагаат ота да е по примерот на плаќање на дежурствата во јавните здравствени установи, кои се регулирани со Колективен договор и Закон за работни односи.
Матичните лекари се доктори вработени во приватни здравствени установи, а не во јавно здравство, поради што и нема правни можности да им се наметнуваат обврски, туку соработката треба да биде на договорен основ, регулирана со соодветен правен акт, реагира Комората на приватно здравство при Сојузот на стопански комори, откако Комисијата за заразни болести препорача матичните лекари да дежураат во новите ковид амбуланти.
Од Комората предлагаат да се воспостави модел за соработка помеѓу јавен правен субјект и приватен правен субјект кој ќе се заснова на Договор за соработка, а за ангажман на матичните лекари во ковид амбулантите да се објави оглас.
-Ја повикуваме Комисијата да објави оглас на кој ПЗУ од општа медицина кои имаат волја да дежураат во ковид амбулантите, ќе можат да се пријават, а соработката ќе биде регулирана со соодветен договор кој ќе биде склучен со здравствената установа и во кој ќе бидат наведени договорните обврски и услови за двете страни. Во таа насока во огласот, односно договорот, јасно треба да се дефинира платата, надоместокот кој ќе се добива за ангажманот во ковид амбулантата, по примерот на плаќање на дежурствата во јавните здравствени установи, кои се регулирани со Колективен договор и Закон за работни односи. Законите треба да се почитуваат и да важат еднакво за сите поради што и не треба да се доведуваме во ситуација цената на трудот на лекарите од јавниот сектор да биде платена, додека од оние во приватниот сектор да се очекува да работат бесплатно – велат од Комората.
Според нив, ако не се прифаќа ваква соработка од јавното здравство тогаш да се преиспитаат дополнителните можности за ангажирање на лекарите од секундарното ниво на здравствена заштита во ковид-амбулантите.
– Според информациите кои ги објавува Комисијата за заштита од заразни заболувања во овој бран на ковид 19 нема зголемен број на пациенти со компликации кои бараат болничко лекување, што значи дека лекувањето се спроведува на примарно ниво односно кај матичните лекари, а оние од специјалистичките и болнички здравствени установи не се многу оптоварени, што би значело дека има можности за дополнително да се ангажираат – велат од Комората.
Оттаму забележуваат дека матичните лекари во текот на целата пандемија понесоа поголем дел од товарот, а при тоа не добија соодветна поддршка.
-Но и покрај тоа ставајќи ја грижата за пациентите на прво место поддржуваат креирање на соодветни решенија кои ќе го забрзаат движењето на пациентите низ системот и ќе придонесат за побрза дијагностика и соодветен и ефикасен третман, но тоа би требало да биде на начин на кој сите нешто ќе добијат и никој нема да трпи директна штета – велат од Комората.
Од Комората потсетуваат дека матичните лекари како доктори и управители на приватните здравствени установи имаат обврски кон своите матични пациенти и кон ПЗУ како правен субјект, што вклучува континуирана здравствена грижа за сите матични пациенти, а не само за оние болни од ковид 19, како и издавање на рецепти, боледувања и другата административна работа што не може да се одложува.