„ОБЈАВЕТЕ БУКВАЛНО СЀ, А НЕМАТЕ НИШТО“ Ковачки ја повика Петровска јавно да го покаже „јакото“ што го има за него
Министерке, штотуку потврдивте дека времето на водење на досиеа за лица е повторно вратено во младата македонска држава и штотуку потврдивте дека Вие како нестручно лице имате пристап до истите тие досиеја, пишува Ковачки.
Почитувана министерке за одбрана, г-ѓо Славјанка Петровска, на нарачано новинарско прашање, сте кажале дека веќе нема да ми одговарате на поставени прашања. Неверојатно! Прво да разјасниме, Вие имате функција министер за одбрана и сте дел од извршната власт. На таа функција Ве избрало Собранието. Јас сум пратеник во тоа Собрание што Вас Ве има избрано, вели Драган Ковачки, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник.
– Иако и тогаш и сега бев против да бидете Министер за одбрана поради Вашите компетенции, сепак мнозинството на ДУИ и СДС, Ве избраа. Неисе. Во нашиот политички систем Министрите одговараат пред Собранието. Каков е тој однос да се ставате над Собранието и да кажувате дека нема да одговарате на прашања? Што сте Вие за да бидете над Собранието и граѓаните? Така ли ја разбирате политичката борба, демек ќе се налутите и нема да одговарате? – прашува Ковачки.
Тој и посочи на министерката дека нејзината функција е јавна, а не лична.
– Не може да си ја персонализирате функцијата, од причини што Вие земате плата од граѓаните, а јас прашувам во име на граѓаните кои ме изгласале. Понатаму, на истото нарачано прашање, сте мавтале со две папки демек сум имал некаков страв. ОК – вели пратеникот.
Тој јавно ја повика министерката Петровска да објави сѐ, ама буквално ѐе што има. Јавно за да види цела македонска јавност што е тоа „јако“ што го имате во врска со моето минато во АРМ.
– Знам дека нема да објавите ништо затоа што тие папки се празни. (!) Изгубена сте во време и простор и напаѓате со некакви „досиеја“ што ги водите и измислувате во Министерство за одбрана против лица кои не мислат како Вас. Министерке, штотуку потврдивте дека времето на водење на досиеа за лица е повторно вратено во младата македонска држава и штотуку потврдивте дека Вие како нестручно лице имате пристап до истите тие досиеја. Кажете и’ на јавноста дали имате наредено ваши вработени од МО да следат и документираат народни избраници-пратеници и зошто? Почитувана министерке, не само што ќе си одговарате на прашања, туку ќе одговарате и на потпрашања. Не се обидувајте да дефокусирате и да бегате од одговори. Јавноста има право да знае зошто се’ уште функцијата за одбрана ја врши лице кое за да оствари парична добивка на Суд, добавило психијатриско вештачење од специјалист – психијатар, а после тоа истото лице од говорница ги демантираше наодите на лекарот – специјалист. *Јавниот, а не личниот интерес е пред се’ – додава Ковачки.
На прес-конференцијата на министерката за одбрана Славјанка Петровска реагираа и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и ја повикаа да престане да глуми жртва и да даде одговори дали крие луксузна хациенда со базен во Радишани.
„Доста глуми, плаче и крие зад евтини приказни, додека во реалноста трупа и крие богатство. За дијагнозата дека има опседнатост, инхибиција и третман со седативи, не ја измислува ВМРО-ДПМНЕ, туку тоа го содржи извештајот на Петровска со кој таа се прави жртва во тужбата против Драган Ковачки. Суштината е дали навистина има Петровска ваква дијагноза, зошто ако таа е вистинита тогаш непресметлива личност го води Министерството за одбрана и треба да си замине, или пак свесно лаже, а извештајот е измислен за да Ковачки биде осуден. Јавноста е уморна од глумењето на жртва на Славјанка, додека во реалноста станува за министер кој крие имот“, стои во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ.