На интернет кружи снимка од кражбата на познатата уметничка слика од Винсент Ван Гог „Пролетна градина“ од музејот „Сингер Ларен“ во Холандија.
Холандската емисија која се занимава со решавање на злодела, објавила снимка на која се гледа како крадецот ја крши цврстата стаклена врата од музејот, во текот на раните утрински часови на 30 март.
Полицијата сè уште го бара провалникот кој на самиот роденден на Винсент Ван Гог, провалил во музејот „Сингер Ларен“ и го украл ремек-делото. Сликата беше проценета на дури 5 милиони фунти и во музејот беше позајмена од Гронинген.
Снимките од надзорната камера објавени од холандската полиција покажуваат дека провалникот ја скршил стаклената врата на музејот, ја украл сликата и се вратил назад за само неколку минути. При провалата се огласил алармот, но кога полицијата пристигнала на местото на злосторството, крадецот веќе исчезнал. Не е познато дали тој дејствувал сам, а полицијата се надева дека објавувањето на снимките ќе им помогне да му влезат во трага.
Вредното дело на Ван Гог од музејот „Сингер Ларен“ во гратче во близина на Амстердам било украдено додека музејот бил затворен поради мерките за заштита од пандемија на коронавирус.
како што пишуваат холандските медиуми, полицијата се надева дека јавното прикажување на оваа снимка ќе помогне во пронаоѓањето на крадецот кој ја украде сликата од музејот „Сингер Ларен“, додека тој бил затворен поради вонредните мерки.
,