Издавачката куќа Готен го објави романот „Средиштето на светот“ од германскиот писател Андреас Штајнхефел. Преводот од германски јазик е на Ива Фиданчева.
„Средиштето на светот“ е роман за проблемите поврзани со растењето, пубертетот, зависта и љубомората, пријателството и љубовта. Наменет е за тинејџерската читателска публика. Седумнаесетгодишниот Фил се чувствува како аутсајдер уште откога знае за себеси. Но, и покрај различните чувства што го обременуваат решава да не остане само пасивен набљудувач на својот живот.
Секако дека не може да биде таков кога е опкружен со својата мајка Глес, која го живее животот по свои правила и го поттикнува Фил да биде еднакво силен. Тука се и неговата сестра Дајан, која е непредвидлива и своеглава, со сопствени тајни; неговиот чичко Гејбл, пензиониран војник; неговиот најдобар пријател Кат, кој е великодушен но посесивен.
И конечно, тука е и далечниот Николас, во кој Фил се вљубува… сè додека не се соочи со изневерување и конечно мора да го пронајде своето место во светот.