ОБЈАВЕН Е ПРОСПЕКТОТ ЗА НОВАТА ГРАЃАНСКА ОБВРЗНИЦА Каматата е 4,5%, а се отплаќа за две години
Минималниот износ на една граѓанска обврзница е 10.000 денари, а граѓаните ќе може да доставуваат понуди за запишување обврзници до 10 декември 2025 година.
Министерството за финансии денеска го објави Проспектот за издавање на нова Граѓанска обврзница од 100 милиони денари (1,63 милиони евра).
Износот на една граѓанска обврзница е 10.000 денари (163 евра), односно тоа е минималниот износ којшто може да се запише од страна на граѓаните. Купонската каматна стапка изнесува 4,5%, а рочноста на обврзницата е 2 години.
Граѓаните ќе може да доставуваат понуди за запишување обврзници до 10 декември 2025 година.
Аукцијата ќе се одржи на 12 декември. Понудите се доставуваат во деловните банки во земјава.
Датумот на достасување на обврзниците е 19 декември 2027 година, а каматата за исплата достасува за првата година на 19 декември 2026 и за втората година на 19 декември 2027 година.
Ова е трета емисија на Граѓанска обврзница којашто ја издава Министерството за финансии.
Двете емисии беа во вкупен износ од 41,1 милион евра и веќе се исплатени заедно со каматата за двете години. Во првата емисија беа запишани обврзници во износ од 23,5 милиони евра, додека во втората 17,6 милиони евра.