Традиционално, и овој Бадник, здружението „Бадникови поворки” со благослов и сесрдна помош на Бигорскиот манастир, објавува Божикен спот како подарок за верниот народ.
„Со голема радост соопштуваме, дека и покрај строгите протоколи за работа и отежнатите околности што ги создаде пандемија на ковид-19, успеавме да ја исполниме нашата света должност и да оставиме за навек уште едно музичко дело. Најголема благодарност упатуваме до Еписокопот Антаниски и Игумен Бигорски Партениј, за неговата безрезервна духовна поддршка за целиот тим, во текот на целиот процес на создавање на делото. Видео записот за ново-возобновената Божикна песна (каланда) ‘Христос се раѓат, на светот радост‘ е снимен во прекрасните предели на славниот Галичник и во манастирските одаи на Бигорскиот манастир“, се вели во соопштението.
Оваа музичка творба, посочено е таму, потекнува од широките балкански простори од времето на Ромејското Царство, Византија и се пеела меѓу мијачкото население, заради што и сегашната верзија е отпеана токму на познатиот мијачки дијалект.
Во продолжение, и текстот на песната:
ХРИСТОС СЕ РАЃАТ, НА СВЕТОТ РАДОСТ!
Христос се раѓат – на светот радост,
на светот радост, на сите луѓе.
Четириесет дни и толку ноќи
Дева бдееше, топло молеше.
На крај е дојде време да родит,
та бргу барат баби да дојдет.
Баби да дојдет, миро да носет,
миро да носет, да е послужет.
Дури се најдет, дури да дојдет,
Марија Дева Христа Го роди.
Христа Го роди, Господ на сите,
Господ на сите – в пештера бедна.
В пештера бедна, ширна полјана,
ширна полјана, ко сонце блесна.
Ко сонце блесна, ко сјајна луна,
ко сјајна луна, на светот светлит.
Нек’ светлит така и в’ оваа куќа
и в’ оваа куќа, на сета рода.
На сета рода мир да е дават,
мир да е дават, да множит љубов.
Да множит љубов за добри дела,
за добри дела, за сите ближни.
Христос се раѓат – на светот радост,
на светот радост, на сите луѓе.