ОБВИНИТЕЛОТ КОЦЕВСКИ НЕГИРА ДЕКА ВРШЕЛ ПРИТИСОЦИ НА ШТЕТА НА ВМРО-ДПМНЕ ЗА ПРЕДМЕТОТ СО БОНУСИТЕ НА СЈО Политичкиот притисок нема да ме натера да се повлечам!

Контролата во Вишото ЈО е по пријави за закани и можно нестручно работење и не е во врска со ниту еден конкретен предмет и очекувам нападите кон мене да продолжат со уште поголем интензитет, особено од страна на лица кои со обвинителски одлуки се спасиле од кривичен прогон, додека граѓаните очекувале правда, вели републичкиот обвинител Љупчо Коцевски

332

Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски ги отфрла, како што вели, неоснованите тврдења за негово наводно мешање во предмет во кој повеќе од еден месец постапувало Вишото јавно обвинителство Скопје, а за кои овој момент не е презентиран ниту еден доказ.

Минатата недела вишиот јавен обвинител Мустафа Хајрулахи во изјава за Канал 5 тврдеше дека Коцевски директно му посочил да внимава како ќе се постапува со предметот со бонусите на обвинителите на поранешното Специјално јавно обвинителство и да не се дава својство на оштетен на политичката партија ВМРО- ДПМНЕ, која поднела жалба до Вишото обвинителство за овој случај. На ова премиерот Христијан Мицкоски реагораше дека е шокантно и побара државниот обвинител Коцевски да се изјасни.






Коцевски: Се контролираат повеќе предмети, но не и тој за СЈО

Обвинителот Коцевски вели дека не се контролира само еден, туку сите обвинители во Вишото обвинителство, а контролата следи откако ЈО добил информации за нестручно работење на одредени јавни обвинители, како и пријави за закани.

„Согласувајќи се дека јавноста има право да ја знае целосната вистината, укажувам дека контролата во Вишото јавно обвинителство ја опфаќа работата на сите јавни обвинители во тоа обвинителство, а обвинителите кои чесно и одговорно си ја вршеле работата немаат ниту реакции, ниту стравувања, бидејќи знаат дека контролата се спроведува согласно закон. Од позиција на државен јавен обвинител имав обврска, првпат после повеќе од четири години, да извршам надзор над работата на Вишото јавно обвинителство Скопје, бидејќи до мене дојдоа информации и пресуди од Врховниот суд, кои укажуваат на можно нестручно работење на одредени јавни обвинители, како и пријави за закани, притисоци и недолично однесување кон вработени во обвинителството“, вели државниот обвинител во писмената изјава.

Според него, пријавите за закани и за нестручно работење се доставени и до Советот на јавните обвинители, наводите се документирани, па тој има обврска да ги провери.

„Лажните тврдења за наводни притисоци почнаа веднаш по започнувањето на контролата, што само ми потврдува дека ја преземам исправната работа и од тоа немам намера да отстапам. Конкретниот предмет што се наведува воопшто не е предмет на контрола и се споменува само за да се издејствува политички притисок и да ме натера да се повлечам. Но, тоа во ниту еден момент нема да се случи! Кога ја презедов функцијата јавен обвинител дадов заклетва дека оваа функција ќе ја вршам чесно и одговорно и ветување дека ќе ја вратам довербата во јавнообвинителската организација. Тоа и ќе го направам. Сите сознанија до кои ќе дојдам по извршената контрола и сите информации кои деновиве продолжуваат да пристигнуваат до мене имам намера да ги објавам веднаш по завршувањето на соодветните постапки предвидени во Законот за јавното обвинителство“, вели обвинителот Коцевски.

До крајот на овој месец, додава тој, контроли ќе бидат извршени и во сите останати виши јавни обвинителства и во ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција. За контролите се задолжени јавните обвинители од републичкото обвинителство, кои се распоредени како координатори за соодветните обвинителства со редовниот годишен распоред.

„Според задолженијата, тие ќе треба да го проверат предметното работење на сите јавни обвинители во предметите во кои обвинителите се откажале од жалба или од обвинение. Затоа очекувам нападите кон мене да продолжат со уште поголем интензитет, особено од страна на лица кои со вакви обвинителски одлуки се спасиле од кривичен прогон, додека граѓаните очекувале правда“, дециден е обвинителот Љупчо Коцевски.

Хајрулахи: Коцевски ми рече на ВМРО-ДПМЕ да не му даваме својство на оштетен

Минатата недела шефот на Вишото јавно обвинитество Скопје Мустафа Хајрулахи во изјава за Канал 5 тврдеше дека обвинителот Коцевски директно му посочил да внимава како ќе се постапува со предметот со бонусите на ексобвинителите од згаснатото Специјално јавно обвинителство, кој лани во декември беше затворен од ЈО ГОКК, како и да не се дава својство на оштетен на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, која поднела жалба до Вишото обвинителство за овој случај. Овој предмет во Вишото обвинителство го води обвинителот Јован Цветановски, а Харулахи вели дека му одговорил на Коцевски дека ниту сака ниту има надлежност да се меша во работата на предметниот обвинител.

„Неколку дена откако стигна предметот по жалба од страна на ОЈО ГОКК, обвинителот Коцевски телефонски ми се јави и ми рече дека треба да бидеме претпазливи во однос на одлуката на Вишото ЈО за поднесената жалба, односно дека не треба да се даде својство на оштетен за ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи тие не се оштетени. Јас на тоа одговорив дека обвинител е задолжен со предметот и по проучувањето ќе биде рефериран кај мене. Ќе видиме кој е ставот на обвинителот, а јас не можам да се мешат во работата на ЈО“, изјави  шефот на Вишото обвинителство Хајрулахи за канал 5.

Предметниот обвинител Јован Цветановски, за Канал 5 рече дека е запознаен со разговорот меѓу државниот обвинител Коцевски и вишиот обвинител Хајрулахи. За него пораката од Коцевски претавува директна закана, но сепак нема да влијае врз неговата работа.

– Предметот е сензитивен, точно е, и ќе биде проследен како и секој друг. Мојата одлука ќе биде независна – рече обвинителот Цветановски.

Како што пренесе Канал 5, обвинителите во Вишото ЈО се сомневаат дека можеби постои поврзаност на овој случај со неодамна испратената работна група за контрола на Вишото ЈО и истакнуваат дека во последните пет години немало контрола.

Мицкоски: Ние уште писмото на Катица Јанева од затвор не сме го виделе

Премиерот Христијан Мицкоски деновиве рече дека шокантно ако е вистина дека републичкиот јавен обвинител врши притосоци врз вишите обвинители. Според премиерот, има многу работи за кои ЈО треба да даде одговор.

– Морам да кажам дека е шокантно тоа што успеав да го прочитам. И ако е тоа навистина така, мислам дека и државниот јавен обвинител треба да излезе и да објасни во јавноста што е вистината, бидејќи, се сеќавате ние уште писмото на Катица Јанева од затвор не сме го виделе. Се сеќавате, тоа писмо што од затвор го пишуваше Јанева овозможи овие процеси што беа дел од поранешното СЈО кое се распадна поради една чанта од марката Луј Витон полна со странски валути, продолжија да функционираат и ние како политичка партија уште сме жртва на системот. Имаме блокиран имот, често пати блокирана сметка, иако е јасна пресудата од вториот степен, односно од Апелација, што треба да се направи. Така што, има многу работи за кои треба да се даде објаснување – рече во петокот премиерот Мицкоски.

Поврзани содржини