ОЏА КОМУ МУ БИЛ ЗАБРАНЕТ ВЛЕЗ ВО МАКЕДОНИЈА ДРЖЕЛ ПРОПОВЕД ВО СКОПЈЕ? Левица прашува кој пушта верски екстремисти блиски до Ал Каеда во земјава
Левица бара одговор од новиот директор на АНБ, Бојан Христовски, за, како што велат, овој сериозен безбедносен пропуст кој државата ја изложува на верски радикализам.
Левица изразува сериозна загриженост за, како што вели, неодамнешниот безбедносен пропуст на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), кој ја доведува во прашање нејзината ефикасност.
„Се работи за скандалозен случај со верски екстремизам, односно за оџата Ахмет Калаја, исламски свештеник, на кого во април 2023 година му бил забранет влез во Република Македонија поради безбедносни причини. Но, минатиот период, овој верски екстремист одржал проповед и говор во Албанскиот театар во Скопје. Проповедта се случила пред поголема група луѓе, на настан организиран од издавачката куќа ‘Нур’, која ја претставува оџата Беким Халими (поврзуван со Ал Каеда). На настанот присуствувале и малолетни деца, што дополнително ја засилува загриженоста за безбедносните ризици“, се наведува во соопштението од Левица.
Оттаму прашуваат како е возможно ова лице, кое претходно било сметано за опасност, да влезе во земјата и да одржи јавен настап, без да биде спречено од АНБ.
„Овој инцидент поставува сериозни прашања за капацитетот на АНБ да се справи со ризиците и да ја заштити безбедноста на државата. Левица бара одговор од новиот директор на АНБ, Бојан Христовски, за овој сериозен безбедносен пропуст кој државата ја изложува на верски радикализам“, се додава во соопштението од Левица.