НУКЛЕАРНИТЕ ПРЕГОВОРИ ВО ЌОРСОКАК ДОДЕКА ТРААТ НАПАДИТЕ Иран излегува од клучниот договор од 1968 година
За вчера беа закажани преговори помеѓу Иран и САД во Оман, но истите се откажани откако Израел повторно почна напади врз Иран. Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи најави дека парламентот работи на закон за напуштање на Договорот за неширење нуклеарно оружје (НПТ) постигнат во 1968 година.
Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Исмаил Багеји најави дека Парламентот на Иран работи на закон за напуштање на Договорот за неширење нуклеарно оружје (НПТ). Тој потенцира дека неговата земја останува против развивање на оружје за масовно уништување.
Иран постепено се повлекува од своите обврски од Договорот од 1968 година, откако американскиот претседател Доналд Трамп ги повлече САД од иранскиот нуклеарен договор во 2018 година и повторно воведе санкции кои сериозно ѝ наштетија на иранската економија.
За вчера беа закажани преговори помеѓу Иран и САД во Оман, но истите се откажани откако Израел повторно почна напади врз Иран.
Според Багеји за да продолжат преговорите САД мора да ги осудат нападите врз Иран. Тој додаде дека во овие околности преговорите се „бесмислени“, а „САД се соучесник во тие напади“.
Во меѓувреме, Израел и Иран си разменија нови меѓусебни напади. Откако Иран ноќта на 16 јуни ракетираше цели во Израел, Израел соопштои дека почнал бран напади насочени кон околу 100 воени цели во Исфахан, централен Иран, распоредувајќи околу 50 борбени авиони за да напаѓаат ракетни складишта, лансери и командни центри.
Израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека имаат „целосна воздушна контрола над Техеран“.
– Уништивме една третина од ракетните лансери на иранскиот режим, околу 120 – изјави портпаролот на ИДФ, Ефи Дефрин.
Aмериканскиот претседател Доналд Трамп ја пофали израелската офанзива и отфрли дека САД директно учествуваат во акциите, но го предупреди Техеран да не презема одмазднички акции врз американски цели.
– Се надевам на договор. Понекогаш мора да се води борба, но ќе видиме што ќе се случи – изјави Трамп пред заминувањето на самитот на Г7 во Канада.
Сенаторот од Демократската партија Тим Кејн поднесе предлог-закон со кој се бара Трамп да не може да започне воени дејствија против Иран без претходна согласност од Конгресот.
Додека трае тензијата меѓу Иран и Израел и Иран и САД, турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган во телефонски разговор со својот ирански колега Месуд Пезешкијан изјави дека Турција е подготвена да вложи напори за олеснување на продолжувањето на нуклеарните преговори.